ШТО ДА ИМ СЕ ГОВОРИ НА ДЕЦАТА ЗА ДЕМОНИТЕ, ПЕКОЛОТ И СМРТТА-Сестра Магдалена
   

    Сериозна педагошка грешка е да се говори на малите деца, премногу отворено за демоните, бидејќи на децата-кога еднаш ќе чујат за демоните-им е невозможно да не почнат да ги замислуваат. Возрасните можеме да ги предупредиме за тоа дека е многу опасно во својот ум да примаат претстави на демони, но, таквото предупредување нема да ги спречи малите деца да почнат да ги замислуваат демоните и тоа може да им нанесе голема духовна штета и во најблаг случај да ги доведе до тешки ноќни мори. Кога малите деца  ќе постават прашање за демоните или за постоењњето на злите духови, најдобро е едноставно да се прејде преку тоа прашање и да се каже нешто во смисол дека за демоните не треба да се размислува ништо повеќе колку за соништата. Сè на сè, детскиот ум би требало  да го усмеруваме кон Христа, светите и ангелите.
   
    Малите деца треба да се учат на христијанска борба, но, без непосредно споменување на борба со демоните. Децата сосема природно можат да научат да се прекрстат пред спиење и со знакот на крстот да ја прекрстат својата постела или перницата, благословувајќи ја со тој чин ноќта која е пред нив.  Лесно е да се учат децата да се молат со Исусова молитва (« Господе Исусе Христа, помилуј ме!») или со свои зборови да се обраќаат кон Господ и на кој сакаат од светителите.

    Ако бидат изложени на искушенија (како што е на пример страв или ноќни мори), децата природно ќе знаат како против тој страв да се борат со право «оружје». Децата можат да спијат со бројаница во рацете или под перницата, а можат и за време на својата молитва пред спиење да се помолат неколку пати со Исусова молитва.

    Децата ги плаши идејата за пекол. И ние возрасните,  исто така,  се плашиме од таа идеа, но, ние сме во состојба тој страв да го држиме во здрави граници. Тој страв всушност е заснован на нашата љубов кон Бога и нашиот страв да не се отуѓиме од Него. Она што мораме да го изградуваме кај децата не е тогаш, страв од пеколот, туку љубовта кон Бога. Децата можат многу сериозно  да размислуваат  за мистичкиот проблем на злото и Божјата љубов. Пеколот е гледање на Божјата светлина која ги согорува оние кои не станале слични на Бог. Можеме тоа да го кажеме и на овој начин: тоа е како кога некој е болен, а одбива да го прими лекот од лекарот, и секако во тој случај-не е вина на лекарот што тој болен човек не се излечил. И повторно, ниту овде има готови одговори-постојат само примери. Има многу случаи кога луѓето го отфрлиле христијанството затоа што чувстувале дека тоа е најдобар начин да се ослободат од притискот на стравот од пеколот, кој им е всаден во детството. Дури и кога пред децата зборуваме за злоделата  или за луѓето кои ги извршиле тие злодела, мораме секогаш во децата да го зацрврснуваме поверението во Христовата спремност за простување.

    Кога децата говорат за Небесата, тие често имаат на ум претстави кои некому би можеле да му се причинат богословски неточни. Меѓутоа ние мораме да бидеме многу обѕирни и да не го уништиме кај децата нивниот копнеж за Небесата. Како детето би можело да копнее за место во кое нема храна,  или игра, или домашни миленичиња? На децата треба да им се даде впечаток (и тој, во никој случај, не е погрешен впечаток) дека Небесата се подобри од што било што човек може да замисли. Некои деца-кога им било кажано тоа-спонтано го поставиле прашањето: «Подобро од Велиден?», «Подобро од сладолед?», «Подобро од тоа кога мама ќе ме покрие во кревет?».  Библиското учење е дека на Небесата ќе има небеска храна, небеска радост и слично на тоа. Што се однесува до прашњето дали на Небесата ќе има место за куќни миленичиња, нема потреба на малите деца богословски да им објаснуваме дека животинската «душа» се разликува од човечката душа. Многу е подобро-наместо таквото објаснување-да им се каже на децата дека Бог се грижи и занајмалото врапче (Мт.10:29). Кога богословски исправуваме некоја детска идеа никогаш тоа не би требало да го чиниме ако не сме подготвени таа идеја да ја замениме со позрела идеја, но идеја која мора да биде во рамките на детското разбирање на нештата. Постои приказна од «Отечникот» за еден монах кој во својата вера бил антропоморфист (т.е. оној кој буквално ги толкува Библиските приказни Божјите раце, очи, стапки, и слично на тоа). Правоверните монаси го исправале овој свој собрат. По некое време еден друг монах дошол во посета на споменатиот монах и го затекнал како плаче. Посетителот го прашал: «Оче зошто плачеш? Зар не би требало да ти биде драго што повтрно се врати на правата вера?».  Монахот му одговорил: «Плачам затоа што ми го одземаа мојот Бог и веќе незнам во кој Бог јас да верувам?».

    Не би требало никогаш да сакаме нашите деца да се плашат од смртта. Затоа мораме да им говориме за смртта како дел од животот, како премин во небесен живот, како премин во вечен живот со Христос.

    Понекогаш децата толку размислуваат за смртта така што кај нив почнува да се јавува желба за смрт, па дури и желба за самоубиство. Не би требало во детската психа да всадуваме болен страв од смртта, бидејќи на тој начин може кај децата се испровоцира желба за смрт. Би требало да ги учиме децата дека најблагословена смрт е онаа кога Бог ќе не повика кај Себе, бидејќи само Бог знае кога сме спремни за тоа: на децата треба да им се говори дека ние не одиме на Небо се додека Бог «не ни прати карта». (И овде, повторно, нема рецепт во поглед на тоа што треба да се каже во врска  со ова прашање на секое поединечно дете).



    Проблем е тоа што возрасните христијани најчесто не се ниту свесни дека желба за смрт постои кај децата, се до оној момент додека таа не се пројави, а кога ќе се пројави тогаш кај возрасните најчесто предизвикува запрепастување. Тажно е што дури и сосема мали деца веќе слушале за самоубиство, но тоа е факт со кој  како христијански воеро учители  и воспитувачи  мораме да се соочиме.

    На прашањата за небото и пеколот, за доброто и злото, за демоните и смртта, за самоубиството и сличните теми на децата, во тек на детството мора неколку пати  да се даваат нови одговори, токму како што и на прашањето за раѓањето на детето на децата мораат да им се давааат нови одговори кои се во склад со нивниот развој. На петогодишно дете никогаш нема да дадеме ист одговор како и на десетогодишно.


Од книгата: Васпитајте своје дете од сестра Магдалена

Подготви: М.Б.

    Наслов на оригиналот:
    Sister Magdalen
    Reflections on children in the Orthodox Church today
    (Stavropegic Monastery of St. John the Baptist
    Tolleshunt Knights, Essex)

 16-ти јули, лето Господово 2015

 

Друго: