Архимандрит  Авксентиј

(професор по Литургика на Православниот богословски факултет во Велико Трново)

БОГОЈАВЛЕНИЕ (6 јануари)

Празникот Богојавление е нарекуван уште и Епифанија, Просвештение или Празник на светлините. Терминот „богојавление“ се користел во претхристијанската епоха обично во врска со некои пројави на паганскиот бог Дионисиј или Асклепиј. Во првите христијански векови под „богојавление“ се подразбираат сите поважни настани од новозаветната свештена историја, јавувањето на Бога пред луѓе (на пример, пред пророкот Мојсеј), но пред сѐ се подразбира Боговоплотувањето. Другиот назив за празникот (Епифанија), во превод значи „појавување“. Во Новиот Завет овој термин ја означува Божјата појава, или го означува Неговото присуство (Рим. 16, 26; 1 Тим. 2, 16; 2 Тим. 1, 10 и др.). Затоа овој назив го прифатиле многу свети отци.

Според повеќето истражувчи на источната богослужбена традиција, на 6 јануари во Египет бил чествуван празник на богот Нил. Во првите христијански векови бил чествуван празник со општа содржина, посветен на Божјите јавувања. Тој во себе не го вклучува само јавувањето на Света Троица при крштевањето на Господ Исус Христос, туку и Неговото Раѓање. Во 4 век празникот Богојавление, обележуван на 6 јануари, е прифатен и во Западната Црква.

Историски, Богојавление е првиот празник поврзан со воплотувањето на Господ Исус Христос. Содржината на празникот Богојавление во Египет не се исцрпувала со Господовото крштевање. Како што сведочи Касијан, на тој ден се чествуваат и воплотувањето на Синот Божји и чудото во Кана Галилејска. Во Ерусалим, Антиохија, Сирија и Кипар суштината на празникот е Раѓањето на Господ Исус Христос. Во Северна Африка на 6 јануари го празнувале и поклонувањето на тројцата мудреци. Во Шпанија, кон содржината на празникот Богојавление го додале и споменот на витлеемските младенци кои ги убил Ирод. Во Равена истовремено ги чествувале поклонувањето на мудреците, чудото во Кана Галилејска и умножувањето на лебовите. Во Галија (денешна Франција) на 6 јануари се обележувале поклонувањето на мудреците, чудото во Кана Галилејска и крштевањето на Спасителот. Според тоа, празникот Богојавление може да се разгледува како збирен празник, кој во себе содржел неколку традиции, кои потекнуваат од различни време и место. Околу 4 век Западната Црква го прифатила од Источната Црква чествувањето на Христовото крштевање на 6 јануари. Малку подоцна источните цркви, една по една, го прифатиле чествувањето на Христовото раѓање на 25 декември. При крајот на 4 и на почетокот на 5 век празникот Богојавление го обележувале сите источни и западни цркви. Првите сведоштва за одвоено празнување на Христовото Раѓање и на Богојавление ги имаме од половината на 4 век.

БОГОЈАВЛЕНСКИ ПОСТ

Постот пред Богојавление е остаток од времето кога овој празник се чествувал во ист ден со празникот на Христовото Раѓање. Исто како и останатите пости, има за цел да ги подготви христијаните за достојно дочекување на празникот. Поврзан е и со подготовката на огласените, коишто го примаат Крштението на Богојавление. Во „Дидахи“ (1 – 2 век) е забележано дека на крштевањето му претходел пост од еден или два дена, кој бил задолжителен не само за огласените, туку и за целата црковна заедница.

Пост пред Богојавление не можел да се развие, и покрај тоа што неговото претпразненство започнува на 2 јануари. Причина за тоа е совпаѓањето со божикниот период, во којшто нема пост. Неодржливо е мислењето дека овој пост ги подготвува христијаните да ја примат осветената богојавленска вода, наречена „втора причест“. Ова неправилно сфаќање за богојавленската вода потекнува од времето кога христијаните почнале да се причестуваат многу ретко, и вистинското причестување го „замениле“ со „втора причест“, „наместо причест“ (антидор, нафора), итн.

 

ГОЛЕМ БОГОЈАВЛЕНСКИ ВОДОСВЕТ

Торжественото осветување на водите на празникот Богојавление е дел од богослужбената традиција на сите источни христијански заедници, со исклучок на источно – сириските. Тоа е потврда за древното потекло на оваа пракса. Големиот водосвет е едно од најторжествените чинодејствија во богослужбената традиција на Православната Црква. Основна тема во неговата содржина е споменот на крштевањето на Господ Исус Христос, при што се открива не само прототипот на таинственото измивање на гревовите, туку и реалното осветување на самата природа на водата, преку потопувањето во неа на Бог, Кој дошол во тело.

Големиот водосвет се извршува двапати во годината: во навечерието и на самиот празник Богојавление. Извршувањето на водосветот и во навечерието им дава можност и на оние кои не присуствуваат на крштевањето на огласените да бидат поросени со богојавленска вода. Според некои истражувачи на источната богослужена традиција, извршувањето на големиот водосвет двапати е традиција што произлегува од Ерусалимската Црква, за што сведочи Молитвсловот 320, чуван во библиотеката на светогорскиот манастир „Ватопед“. Праксата за извршување на големиот водосвет двапати е критикувана од страна на претставници на различни помесни Цркви, затоа што Господ Исус Христос бил крстен само еднаш. Во сите богослужбени типици, поврзани со Студитскиот манастир, определено е големиот водосвет да се извршува само еднаш. Конечното наметнување на праксата големиот водосвет да се извршува двапати се случило околу 14-15 век, кога Ерусалимскиот богослужбен типик го заменил Студитскиот на територијата на целиот христијански Исток.  Во 1655 г. Московскиот патријарх Никон го забранил извршувањето на втор богојавленски водосвет, со образложение дека Господ Исус Христос е крстен само еднаш. Меѓутоа, не успеал да ја наметне оваа забрана. Неправилно е тоа што во некои храмови ја чуваат водата од двата водосвети во различни садови. Станува збор за едно и исто свештенодејствие, односно два исти водосвета се извршуваат во рамките на едно деноноќие. Помеѓу осветената вода во навечерието на празникот и онаа што е осветена на самиот празник не постои разлика.

Чинодејствието на големиот водосвет претставува преработка на чинот за осветување на вода при крштевање. Во осветената богојавленска вода се крштевани огласените. Во таа смисла големиот водосвет е стар колку што е стара праксата да се осветува вода за крштевање. Денес, ако се случи на Богојавление да се изврши крштевање, тогаш тоа се прави во осветената богојавленска вода, над којашто не се чита молитвата за осветување на вода од чинот на Крштението.

Извор: Скоска епархија