Верен народе, радосно да воскликнеме и торжествено да Му запееме на Бога, поздравувајќи го Крстот Господен, зашто е извор на светост за целата вселена.
 Го целиваме Чесниот Крст, Христе, кој си благоизволил да го понесеш на Твоите плеќи, на кој прифати да бидеш издигнат и распнат со тело, зашто преку него имаме сила против невидливите непријатели.
Утрена, Крстопоклона Недела

 Поуки на светите отци: Тебе само ти наложил да се молиш за оној кој те повредил, а како да се постапи со него, за тоа заповедал да Му Го препуштиш Нему.
 Свети Јован Златоуст

 Сакајќи да го спаси светот, Устроителот на сè самоветен ни дојде, и како Бог, Пастир, заради нас се јави како човек како нас и на сличните како сличен ги повика, како Бог слуша: Аллилуја!
Од Акатистот на Пресвета Богородица

 Молитва:
 Боже наш, ние често повикуваме: »Земи го мојот живот и со Себе освети го«. Искрено и со вера да речеме: »Помогни ми ова време да го поминам соединет со Тебе и заради Тебе«. По молитвите на Пресветата Твоја Мајка и со нејзиното покровителство, помилуј нè. Амин.

 Читање од Светото Писмо:
 Исаија 13, 2-13
 Битие 8, 4-21
 Соломонови Изреки 10, 31; 11, 1-12

 Созерцание: Правдата на незлобливиот го управува неговиот живот, а безбожникот паѓа од својата безбожност.
Соломонови Изреки 11, 5

 Подготви: А.Л.