Den.shuma12.jpg

ГОСПОД ДОЈДЕ ДА ГИ СПАСИ ГРЕШНИТЕ, НО ГРЕШНИТЕ КОИ СЕ КААТ

1963 г.

 Почитувана,...! Мир на Вас од Господа!
 Потрудете се со внимание да ги изговорите зборовите на молитвите. Ако сте расеани, прекорувајте се себеси за да „се отворите кон Бога“ и повторно принудувајте се со внимание да ги изговорите зборовите на молитвата. Срцето постепено ќе Ви омекне и повремено, ќе се понизи, а можеби ќе се појават и солзи. Тие моменти посветете ги на молитвата и не слушајте го непријателот, кој ќе најде илјада причини да се отргнете од молитвата и ќе Ве присили да се занимавате со што било друго.
 Мислата дека расеаната молитва се смета за грев – од ѓаволот е. Тој ќе се потруди на секој начин да Ве отргне од молитвата, зашто е свесен дека молитвата е од голема корист за човекот. Забележете ги сплетките на непријателот и не слушајте го.
 Не смееме да веруваме на себеси, но да се трудиме да се покајуваме. Господ дојде да ги спаси грешните, но – оние кои се каат. Јуда погреши, но не се покаја, па падна во очајание и загина. Апостол Петар се покаја и му се даде апостолско достоинство. Градот Ерусалим згреши и целиот беше разурнат на најстрашен начин, исто онака како Содом и Гомор, Хоразин, Витсаида и Капернаум. Ниневија се покаја и се спаси. Сите сме ние грешници и на сите ни е потребно покајание. За оној што се кае, крсната жртва на Спасителот е доволна за опростување. Господ, пак, им го говорел на оние на кои им опростувал гревови и ова: „Оди и не греши повеќе“. Треба да дадеме сè од себе за да не паднеме во тежок грев. Кога човекот се наоѓа на самиот раб од провалија, лесно е да го поттурнеш за да падне. Доколку се наоѓа далеку, тогаш треба да се довлечка до провалијата, а за тоа време тој има можност да бара помош. Затоа на човекот му се советува да се оддалечи од местото каде може да падне во грев.
 Почитувана,... „отстапете од земното и доближете Му се на Бога“, како што советувал Сисое Велики. Сè што е земно ќе помине како магла, а со што ние ќе останеме, ако душата била исполнета со земни нешта?! Сожалете се себеси, спасувајте се. Каква ќе ви е користа ако целиот свет го придобиете, а на душата своја и напакостите?!
 Господ нека Ве вразуми! Нека Ве одбрани од секое зло!

 

 

(Продолжува)

 


5y_Aleksandar_Bozinovski.jpg 

Превод од српски:
Александар Божиноски


Со благослов на Неговото блаженство, Архиепископ охридски и македонски, г. г. Стефан

Наслов на изворникот:
Трпљењем спасавајте душе своје
(духовне поуке хришћанима последних времена)

Превод од српски: Александар Божиноски

Рецензент: М-р Илија Орачки

Лектура: Елена Малинова

Ликовно и графичко обликување: Милан Јаковчевски

Печати:„Ирис“ – Струга


Друго: