Телото Божјо ме храни и обновува
✣✤✣

Неколку записи на отец Герасим Манагиас за св. Причест – од ракописот 184, што се чува во манастирот „Свети Павле“ на Света Гора Атонска.

✣✤✣
Знаејќи дека дошол часот за Неговата доброволна жртва, нашиот Спасител, Исус Христос, посакал пред Своите спасоносни страдања да ни го остави најголемиот доказ за Својата љубов, востановувајќи ја големата тајна на божествената Евхаристија.

Откровението на оваа љубов, што се извршило во последните мигови пред Неговата смрт, е најдрагоцено и оставило најдлабок впечаток во човечките срца. Од истите причини и луѓето честопати во своите завештанија им оставаат дарови на оние што им се најдраги, како спомен на љубовта што ја чувствувале кон нив.

„А Ти, мој Исусе, кога го напушти овој свет, што ни остави како спомен на Твојата љубов? Ти Самиот Себе ни се подари. Ти ни го остави Своето Тело, Својата Крв, Своето Божество – со еден збор, Себе целиот, не барајќи ништо за возврат“.

Во случај да се посомневаме во Неговата љубов, во оваа Тајна, како залог, наоѓаме очигледен доказ за љубовта Божја. Востановувајќи ја Тајната, Искупителот како да вели: „Душо христијанска! Внимавај на оваа Тајна, зашто во неа ти се давам Себе целиот. Имајќи таков доказ во рацете, не ти е допуштено да се сомневаш во големината на Мојата љубов“.

Еден светител оваа Тајна ја нарекол „љубов што е над секоја љубов“, затоа што овој дар во себе ги содржи и сите други дарови Господови: дарот на создавањето, дарот на избавувањето и дарот на вечната слава. Светата Причест не е доказ само на Христовата љубов, туку и залог за наследување на Царството Небесно, што Он сака нам да ни го подари, како што нагласува Црквата.

Пророкот Исаија сакал на целиот свет да му ги објави зборовите, преисполнети со љубов, што Бог ги кажал за да ги привлече луѓето кон Себе. „Како да не го сметаме за безумен оној што говори: ’Јади го Телото Мое и пиј ја Крвта Моја?‘ - се прашува блажениот Августин.

Кога Христос за прв пат им зборувал на учениците за оваа Тајна, некои од нив не можеле да поверуваат во неа, и оддалечувајќи се од Него, рекле: „Како Овој Човек ќе ни го даде Своето Тело да го јадеме?!“

Но, токму во она за што луѓето не можеле ни да помислат, ниту да поверуваат, се пројавила огромната љубов Христова. „Земете, јадете“, им рекол на Своите ученици, а преку нив и на сите нас.
Он нѐ поттикнува да го правиме ова, па дури и ни ветува Царство заради тоа: „Оној што го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв има живот вечен“.
Најпосле, Он уште ги опоменал со пекол оние што нема да бидат причесници на оваа Тајна.

Сите тие поттикнувања, ветувања и опомени потекнуваат единствено од Неговата желба да ни се дарува Самиот Себе, преку светата Причест.

Зошто Христос така пламено посакува да Го примиме преку светата Причест?

Затоа што љубовта копнее за нашето соединување со Неговото Божество и тоа го има за своја цел.

Преку светата Причест Христос се соединува со душата, и самата душа се соединува со Христа. Тоа соединување е потполно вистинито. Христос ништо друго не дава со толкава љубов, со каква што ни ја дава оваа Тајна, принесувајќи се Себеси како храна, за да се соедини со срцата на верните. Со оваа пламена љубов Христос копнее да се соедини со нас, та да бидеме и ние едно со Него.

О, божествен Жениху на нашите души, Ти преку Тајната на љубовта си посакал Твоето и нашето срце да станат едно единствено срце, неразделно соединето!

И како што Христос бара да се соединиме со Него, и ние, поради оваа љубов,  треба честопати да бидеме причесници на пречистите Тајни, но во согласност со расудувањето на нашиот духовен отец.

Ништо во овој свет не е толку полезно како светата Причест. Вечниот Отец Го утврдил Христос како чувар на оваа Тајна и Му ги предоставил на располагање сите божествени блага. Така, кога преку светата Причест Христос се вселува во душата, Он со Себе донесува толку бесконечно богатство на благодат, што после светата Причест секој може да каже: „Со оваа Тајна ги стекнав сите добри нешта“.

Псевдо Дионисиј Ареопагит учи дека Тајната на светата Евхаристија е најсигурен начин за осветување на душата.

Преку светата Причест се ослободуваме од полесните гревови и сме запазени од смртните.

Оваа Тајна ја распламтува божествената љубов во нашата душа. Бог е љубов; Он е оган што од нашето срце ги оддалечува сите приврзаности кон земното. Тој оган на божествената љубов, што Христос го донел на земјата, не бара од нас ништо друго, освен тоа нашите срца да бидат распламтени со божествена љубов.

Светата Причест толку многу нѐ привлекува кон љубовта, што по нејзиното примање, ние стануваме страшни за демоните.
Некои велат дека не се причестуваат често, затоа што во себе чувствуваат само малку љубов кон Бога. Зошто тогаш, ако веќе сте оладени, се оддалечувате од овој божествен пламен? Напротив, ако вашето срце оладело, би требале уште почесто да пристапувате кон оваа Тајна, доколку навистина копнеете да Го љубите Христа.

Кога некој е болен, нему дотолку повеќе му е потребен лекар. Ако сакаме да ја исцелиме нашата душа, ние би требало што почесто да пристапуваме кон Лекарот.

Некаде е речено дека постојат два вида на луѓе за кои е неопходно често причестување: совршените, за да го сочуваат своето совршенство; и оние несовршените, да би можеле да достигнат совршенство.

Извор: Бигорски манастир