Bah.Intervju6

„Христовиот симболизам во музиката на Бах“

На 7-ми Јанури се оддржа онлајн предавање на тема „Христовиот симболизам во музиката на Бах“ како дел од сесијата за музика и мистицизам организирана од Inayatiyya Јужна Азија.
За самиот настан, идеја и реализација разговаравме со проф. д-р Милица Шкариќ, автор на овој многу значаен труд од областа на музичката уметност па и пошироко

                  За авторот

                Проф. д-р Милица Шкариќ завршила основно и средно образование во ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“ Скопје, во класата по пијано на Валентина Нолчева. Дипломирала пијано во класата на Нелсон Дел Вињ во Париз на Ecole Normale de Musiquе de Paris. Како солист го продолжила своето усовршување во класата на легендарниот пијанист Евгениј Корољов во Хамбург на Hochschule für Musik und Theater. Докторирала на Факултетот за музичка уметност при УКИМ. Во 2004 беше Visiting Scholar на Факултетот за музичка уметност во Ен Арбор, Мичиген, САД. Носител е на повеќе национални и меѓународни награди по пијано. Автор е на четири книги од областа на пијанизмот, има издадено повеќе ЦД-а и редовно држи семинари и предавања по пијано во Македонија и странство. Предава пијано на Музичката Академија при УГД - Штип.

Bah.Intervju4

 

            - Која беше идејата и поттикот за да се направи едно вакво истражување?

             Идејата и поттикот за ова предавање беше поканата од организацијата Инајатија од Југоисточна Азија која организира серија на предавања на тема „Музика и Мистицизам“ со предавачи од цел свет. Тие ме поканија да одржам предавање за поврзаноста на Баховата музика со религијата и да им одговорам на прашањето „Зошто многумина ја сметаат Баховата музика за молитва?“. За да дадам одговори на овие сложени прашања, подготвив вовед за предавањето во кој ги претставив некои од најважните музички откритија и настани во Европа кои го подготвија контекстот во кој беше роден Јохан Себастијан Бах. Започнав од најстарите откриени инструменти во Европа (кои истовремено се најстари во светот), продолжив со тесната поврзаност меѓу протомузиката и протојазикот која подоцна со нивниот развој продолжи преку митот за Орфеј и стана посебно важна во Протестантската реформа на Мартин Лутер. Преку претставување на најстарата пронајдена музичка нотација во Европа (во Делфи) и најстарите откриени оргули (хидраулис) во Дион, чија музика имала за цел да ги воспева божествата на античките Грци, направив корелација со црквените и музички реформи на Мартин Лутер, според кој дарбата за музика и дарбата за говорот му биле дадени на човекот за да ја шири Божјата реч преку музика. Факт е дека реформите на Мартин Лутер го овозможија музичкиот контекст во кој два века подоцна твореше Јохан Себастијан Бах.

Bah.Intervju3

                 - Кои извори ги користевте и кои ви беа достапни во текот на истражувањето?

                    За предавањето користев специјализирана литература за Бах од Алберт Швајцер, Кристоф Волф, научни трудови од разни реномирани автори, од современици на Бах како Јохан Матесон, текстови од Библијата, Платон, Плутарх, Декарт, Мартин Лутер, уртекст изданија на Баховите кантати и др. Од голема помош ми беше познавањето на германскиот, францускиот и англискиот јазик.

                    - Што посебно ве инспирираше во текот на истражувањето?

             Музиката на Бах останува секогаш најголемата инспирација. Откривањето на многубројните скриени музички симболи во неговите кантати и други вокално-инструментални дела, секојдневно ме воодушевуваа во текот на последните неколку месеци додека го спремав предавањето. Неверојатно е како Бах музички ги слика многубројните сцени од Новиот завет во неговите кантати, преку бројни знаци за артикулација (кои, на пример, се ретки во неговите инструментални дела), тоналитети, музички симболи и текст. Многу врвни музичари ги споредуваат музичките слики во неговите кантати со сликите на италијанските ренесансни мајстори. Факт е дека без сериозно познавање на Баховите кантати и двете негови пасии, не може целосно да се разбере неговата инструментална музика.

Bah.Intervju2

 

                     - Што накратко би ни споделиле во однос на Христовиот симболизам во музиката на Бах?

                      Впечатливо е што, на пример, Бах крстот како симбол го претставува како мал и голем крст. Крстот како музички симбол содржи четири ноти и може буквално да се нацрта ако се повлече линија помеѓу првата и четвртата нота и помеѓу втората и третата нота. Малиот крст е хоризонтален крст и го претставува носењето на крстот од страна на Исус на неговиот пат кон Голгота. Затоа малиот крст се свири во споро темпо и легато, поради тежината на крстот и блискоста на Исусовото тело со земјата додека го носи. Големиот крст го претставува распнувањето на Исус на крстот, четирите ноти ги симболизираат клиновите со кои тој бил закован, а намалената септима помеѓу третата и четвртата нота од крстот го симболизира првородниот грев на Адам и Ева, поради кој тие биле избркани од рајот. Затоа големиот крст се свири поенергично и со одвоени ноти. Во фугата во а - мол од Втората книга на добротемпериран клавир, после изложување на големиот крст, Бах продолжува со музички мотив со осмини врз кои употребува знаци за артикулација за оштро стакато кои ги симболизираат трњата од Исусовата круна. По нив Бах користи брзи скалични пасажи налик на оние во Пасијата по Матеј со кои е опишано затресувањето на земјата веднаш по смртта на Исус. Во однос на тоналитетите, раѓањето на Исус Бах го преставува со скалата Це-Дур, која го симболизира истовремено и царството Божјо. За опишување на некои од чудата на Исус, како и неговото воскреснување, Бах ја користи скалата Де-Дур.

Bah.Intervju5

                   - Дали во иднина можеби би направиле и едно вакво истражување за некој друг музички великан?

                    Многу веројатно.

                      Во очекување на нови научни трудови од проф. Милица Шкариќ, благодариме за интервјуто и одвоеното време.



                    За Преминпортал подготвил Симеон Стефковски

 

Јануари 2024 лето Господово