Скопје, 17 мај (МИА) - Скопската публика синоќа беше привилегирана во живо да ја слушне магичноста на звукот и суптилната интерпретација на најреномираниот руски  и светски оркестар на театарот Бољшој од Москва, која во исполнетата Метрополис арена беше надополнета со виртуозната изведба на нашиот пијанист Симон Трпчески.

Стотина членови на најпознатиот ансамбл, предводени од диригентот и музички директор на куќата Александар Ведерников, го исполнија ветувањето дека покрај својата професионалност, на концертот ќе внесат и душа и многу емоции, што резултираше со фантастичен амбиент и одушевеност на околу 2.500 гледачи.

- Неверојатно е што по толку труд, ентузијазам и емоции вечерва го слушаме Бољшој во Скопје, а уште поневеројатно мене ми е што јас свирам со нив - во Скопје, им рече Трпчески на своите сограѓани за кои на крајот заедно со оркестарот имаше специјално изнанедување - премиерна верзија на „Во Струга дуќан да имам“ во аранжман на Панде Шахов.

Концертот го претстави развојот на руската класична музика од 19-ти до средината на 20 век - на програмата беа дела од големите руски автори Чајковски, Рахмањинов и Прокофјев.

Оркестарот ја отвори вечерта со „Хамлет - фантазија увертира“, на Петар Илич Чајковски, која  ја напишал во 1888 година и му ја посветил на норвешкиот композитор Едвард Григ по нивната средба во Лајпциг.

Трпчески настапи на Концертното дело за соло-пијано и симфониски оркестар „Рапсодија на тема Паганини“ од Сергеј Рахмањинов, последниот претставник на рускиот доцен романтизам во класичната музика и две години диригент на Оркестарот на Бољшој (1904-1906) кога ансамблот претрпел значајна реорганизација.

По паузата членовите на Бољшој ја изведоа Петтата симфонија на Сергеј Прокофјев, која славниот композитор ја напишал во Втората светска војна и се смета за негово најпопуларно дело. 

На крајот следуваше специјалното изненадување „Во Струга дуќан да имам“ и уште два биса - минијатурите за пијано „Песни без зборови“ од Феликс Менделсон, кои Трпчески ги отсвири во чест на 200-годишнината од раѓањето на композиторот, а вечерта оркестарот од Москва ја затвори со енергичниот „Руски танц-Трепак“  на Чајковски.

Спектакуларниот концерт ќе биде печат на културата во Македонија во оваа година, а има и историско значење за музичкиот летопис поради првото гостување на оркестарот на Бољшој во земјава. Се одржа под покровителство на Министерството за култура, во организација на КултурОп и агенцијата ИМГ-Артист, одговорна за целата турнеја на оркестарот низ Европа.

Идеалната комбинација на Бољшој и Трпчески ја потенцираа и првите луѓе на ансамблот на прес-конференцијата пред концертот во Скопје, задоволни од претходниот заеднички блескав настап во Лугано, Швајцарија. Зборувајќи со пофалби за македонскиот пијанист за кого рече дека е брилијантен талент, директорот на театарот Бољшој Александар Шанин на новинарите им откри дека Трпчески ќе биде нивниот гостин солист во следната концертна сезона во Москва.

Бољшој е најстариот оркестар во Русија и меѓу најголемите симфониски оркестри во светот, основан во 1776 година. Се етаблирал во најавторитетен музички ансамбл, а потврда за неговото културно и музичко наследство е тековната 232 сезона и илјадниците туристи кои го посетуваат. хс/дма/9:54