Скопје, 31 јануари (МИА) - Светски познатиот виолинист Чехот Вацлав Худечек синоќа во Скопје настапи со оркестарот на Македонската опера и балет под диригентство на Едуард Амбарцумјан од Русија.

Kонцертот најавен како празник на чешката музика се одржа во рамки на активностите на Амбасадата на Чешката Република по повод шестмесечното претседателствување со ЕУ кое започна од први овој месец.

Худичек се претстави со единствениот концерт за виолина создаден од  чешкиот композитор Антонин Дворжак, а оркетарот на МОБ ќа ја изведе композицијата „Влтава“ од делото „Мојата татковина“ чиј автор е уште еден чешки композитор кој и припаѓа на светската класика Беджих Сметана.

Маестрото на виолина во Македонија гостувал во неколку наврати, а последниот настап го имал пред 12-тина години во црквата „Света Софија“ во Охрид во рамки на фестивалот „Охридско лето“.

Вацлав Худечек својот професионален пат го има започнато како 15-годишник. Во 1967 година настапил на концерт во Лондон со „Ројал Филхармоник Оркестра“, а следниот ден легендарниот руски виолинист Давид Оистрах му предвидел блескава кариера по што од 1970 па во следните четири години се до неговата смрт бил негов ученик. По своето лондонско деби Худечек настапува низ целиот свет на најпрестижните подиуми како Карнеги Хол, Ројал Фестивал Хол и со најдобрите оркестри, а гостувал и на многу реномирани фестивали. Неговиот репертоар покрај делата на старите мајстори, вклучува и изведби на композиции на современи чешки автори. Покрај концертната активност работи и како педагог во Канада, Јапонија, Германија, а од неомамна ја помага младата чешка генерација уметници. Во 2007 година одликуван е од претседателот Вацлав Клаус со Орден за заслуги во областа на културата и уметноста.     

Чешката Амбасада во рамките на својата програма на културни активности во следните шест месеци најави изложба на познатиот чешки уметник Адолф Борн, проекција на филмовите на култниот режисер Јиржи Менцел, како и меѓународна изложба на постери на млади студенти по уметност насловена „Балканска перцепција на европскиот идентитет“. ва/са/10:12