Ева Богоевска од Македонија е победничката на фестивалот Сан Ремо Јуниор. Со зборовите "Браво Ева, браво белисима" на нашата виолинистка Ева и била врачена првата награда

Ученичка во скопскиот музичко-балетски училиштен центар "Илија Николовски Луј", дванаесетгодишната виолинистка Ева Богоевска, настапи во "Аристон театарот" во Сан Ремо на интернационалниот фестивал за деца. Публиката и жирито имаа шанса да ја слушнат македонската композиција од Живоин Глишиќ насловена "Во Влашко маало жолти куќи високи", која била специјално напишана за настапот на Ева на фестивалот.

Ева од свои седум години, учи виолина кај професорката Ана Кондратенко. Минатата година, амбициозната Ева имаше настапи во Словачка и во Малезија.

- Соло-виолина и излегувањето сам на сцена е тешка задача, но направивме најдобро што може за да ја презентираме Македонија на највисоко ниво. Кај Ева има убав спој на талент и огромна желба за свирење, што е реткост кај децата. Покрај огромната љубов кон виолината, таа има и шарм и убавина, смета професорката Кондратенко.

Фестивалот "Сан Ремо јуниор" оваа година се одржа третпат и има категории за солисти-пејачи и солисти-музичари. Ева беше поканета во Сан Ремо, откако жирито на фестивалот ја видело снимката од настапот на Ева со Македонската филхармонија.(

Извор: Вечер)