17.


Сѐ  повеќе   знаев  дека   животот   во  крстот  е борба  и со сѐ поголема смиреност спремно ги дочекував изненадувањата. Само што ќе  поверував дека   победив  една   страст,  таа   ќе  ми  зададеше удар.  Ќе помислев дека  ги  победив вообразеноста, егоизмот, високоумието за себе,  веќе  во следниот  миг ќе сфатев на дело  дека  сѐ уште  им робувам.  Само  што ќе  се израдував  дека  сум го задобила  мирот  во срцето, набрзо ќе ја откриев немилосрдноста на стариот човек во мене.
Ете  за една  таква нова  замка на  гордоста и суетата во  која непромислено се  предадов, говори следниот настан.

 

Нѐ имаше петнаесетмина во пријатниот амбиент, накитен во  староградски стил  во  дрво  и камен, ресторан во  близина на Скопје.  Протоколот  бараше набрзо да пречекаме една голема холивудска филмска ѕвезда. Од младите дни го паметевме од филмските платна, Доаѓаше идолот, богот од светот и сите беа видно  вознемирени. Конечно се појави и влезе во  ресторанот, шармантен, со наместена лежерност,  апсолутно свесен  за еуфоријата што  ја шири  околу  себе.  Одмерено  и  достоинствено го  пречекавме. По љубезното запознавање, следеше опуштен разговор со вечерата. Се подразбираше дека  треба да бидеме пресреќни што  тој седи  со нас,  шармантно ни се насмевнува и споделува со нас  различни  дилеми за состојбите кај нас и во светот.
Вешто и без наметнување ситуацијата ја „извади" од мене старата болест - славољубието и гордоста, па  обземена од нив,  му понудив  неколку страници испишан текст. Замислете што содржеше тој  текст: опис на состојбата на  неговата душа, емоционални дилеми и проблеми, одговор и упатства како  излез за некои  негови проблеми, видувања за неговата здравствена состојба и важни датуми во неговата иднина.
Замислете, малиот бог од филмското платно требаше да се појави, а неговите  идолопоклоници да паднат на  коленици и да заборават на себе  си...  Веќе  следниот ден  бев свесна кому се предадов, во чија замка влегов после толку години будно  бдеење   врз  себе си  и  вардејќи се  од  падот, повторно паднав!
Следеше нов искупителен период,  нова  исповед  и  повторно  прифаќање на  борбата што  води до очистување. Ете, како  едно  мало  суетно  ветерче  има  сила  да  го урне  камениот столб,  прицврстен  на јак темел.


18.


Но, уште  не сум завршила со новите настани и искушенија, кои сѐ повеќе наидуваа.
Првото се случи пред две години, кога  најмногу верував дека сум заштитена со најмоќните орудија  на верата.  Тоа  невнимание и гордост беше плоден терен за лошите духови.
Пред  полноќ се  подготвив за молитва. Верував  дека ми беше дадено вистинско молитвено расположение, без напор, туку со потреба на  душата. Задоволно го изгасив светлото и се подготвив за квалитетен одмор до следниот ден.  Се обидов да заспијам, изговарајќи ја Исусовата молитва,  најнапред гласно, а потоа  во  себе  си.  Навистина ми помагаше да си го соберам расеаниот ум и побрзо да заспијам.
Неколку пати  се  случуваше наутро, уште  со неотворени очи,  првото  нешто за што  бев  свесна да  бидат  последните  зборови од „Исусовата  молитва" - „...помилуј ме".  Си велев,  веројатно сум си ја кажувала на  сон,  бидејќи  претходно се  врежала  во умот. Друго  објаснување немав.
Но, да се вратам на таа  ноќ. Штотуку  почнав да тонам во  полусон, за миг,  како  да видов  црна  форма  што  скокна врз  мене.  Па  така  во  дремка си реков:  „Спиј,  Марија, веројатно е Дона".  Инаку, Дона  е моето  галениче, црна  француска пудла што сѐ уште ја чувам. Потонав во подлабок сон, познатата  состојба кога  спиете, а  сепак сте  по малку свесни за својата околина и за себе си. Додека  бев  легната  на грбот,  почувствував  како нешто стоеше или лежеше врз мене на  местото од стомакот до градниот кош. Тоа, почнувајќи од долниот дел, постепено  предизвикуваше чувство  на тежина и на нечие присуство.  Појавата не ми дозволуваше да излезам од состојбата на дремка, ниту пак ме ослободуваше да потонам во вистински  подлабок сон. На некаков поинаков начин бев  свесна дека сум прикована за креветот и залудни  беа сите  мои обиди  да го помрднам телото, да удрам  со рацете, да се  подразбудам и да побарам  помош од сопругот кој спиеше до мене. Бев апсолутно беспомошна, а сепак совршено свесна дека  не  сонувам,  дека  ме  осенува некоја непри-  родна или надприродна појава.  
Рационалното циклично се мешаше со сонот и   потсвеста, а стравот се зголемуваше. Но, сѐ уште  не беше започнат вистинскиот кошмар, што ако  се  случуваше на јаве, нашите официјални психијатри,  воглавно  атеисти, ќе ми залепеа дијагноза.
Со мали  исклучоци, обично тие  се  горделиво догматски и  праволиниски насочени. Од висина и со потсмев играат  „мајтап"  со сѐ што излегува од рамките на  нивното стекнато  знаење - свест,
потсвест,  несвесно, Јунг,  Фројд...  Не  е  чудо  во овој миг  веќе да  ми  ја напишале дијагнозата. Корисно би било да  се позанимаваат малку  со  науката  за  душата  како  Божја  димензија, па многу  работи  ќе им станат појасни.
Но,  да  се  вратам на кошмарот. Во таква состојба  на  свеста, во која  јас  се најдов,  човек е дезориентиран во времето и просторот, па не знам да ви кажам  по колку  време следеше вистинскиот напад.  Тежината  стануваше  сѐ   поголема,  како
врз мене да лежеше човек  од преку  сто и педесет килограми со ризик да ме смачка. Тоа ми предизвика  чувство   на  недостиг  на  здив. Оние  од  вас кои некогаш во животот  биле  подложени на  анестезија, знаат во  каква  состојба им е  свеста веднаш  по будењето. Физичкото тело  се  чувствува,  а сепак не може да се командува. Свеста се подига, па се слушаат нејасни звуци  и разговори од далечина,  а потоа  пак  се тоне во сонливост.
Таква  беше  мојата психо-физичка состојба
додека го доживував настанот.
Следуваше најужасниот дел. Некој сакаше да ме престраши до самиот раб на човечката издржливост.  Во  наредните мигови го вкусив  злото  со целата негова димензија.  Сигурно дека  човек во будна  состојба не би можел  да ја издржи  таа  манифестација  на злото,  а при тоа да остане здрав.
Знам,  залуден ми е обидот  да ви го пренесам ужасот,  но сепак ќе се обидам во неколку реченици. Веќе  нема да ја нарекувам „појавата".
Ѕверот се  обиде  да  ми  го нанесе последниот удар, покажувајќи ми ја својата моќ. Целата деструкција собрана од  илјадници  злосторства, фрустрации, страдања, агресија, омраза низ вековите наназад,  како  да  беше  акумулирана сега и веднаш и фрлена врз  мене да ја вкусам  и да ја доживеам.  Тој сакаше јасно да ми покаже кој е  тој, од каде доаѓа, од кого  ја собира моќта. Ми прикажа крвави предели, откинати делови од човечки тела, гнев, бес и омраза до кинење. Тој преку  мене  како  да врескаше, мразеше, уништуваше и сето тоа  заедно е малку  за да се објасни како  го доживеав пеколот!
Само  што  помислив дека  ќе  ме  уништи, наиде спасоносен глас, што се артикулира во зборовите: „Господе Исусе Христе, помилуј  мееееее....! Тоа беше  очаен крик;  верував дека  се разлеа низ целиот град, до горе, до небото. Убедена бев дека гласните жици се скинаа. Ја повторив молитвата уште еднаш и уште еднаш и така до три пати.
Колку  и  да  звучеше  тој  крик   веродостојно, сепак вистината веројатно беше дека гласот можеби излегуваше од некое астрално и не знам веќе какво  грло.
Веднаш потоа тежината исчезна,  телото се ослободи, ѕверскиот нагон го замени благо спокојство. Скокнав од креветот облеана во пот.  Останав будна  и во молитва сè до утрото.  Потоа  заѕвонив  кај мојот  духовник. Во моментот тој се нао- ѓаше во Светата  Земја, во Израел.
Ме разбра веднаш, точно  знаеше што  ми  се случило и  пред  да му раскажам до крај. Што беше  неговиот  коментар?  Нема  да ви откријам... Знаев, Исусовото име ме спаси.
Неодамна прочитав за вакви  искуства во романот  „Розата  од вода" од Едни  Македонци. Авторот/ите оваа  појава ја  нарекува/ат „сенка". Инаку, тој/тие направил/е неверојатно дело, спасоносен подвиг. На  оние  кои  „немаат очи  да видат"  им се дава поинаква можност  да  разберат  и евентуално да поверуваат, заради понудените научни докази за постоењето на Бога!
Ако мислите дека  овој настан ме  расколеба, ми  ја ослабна верата, не  сте  во право.  Напротив, ми ја освести  уште посилно моќта  на Бога  и силата на молитвата.


19.

Година 2003.
Јулијана беше  речиси  цел ден во мојот  стан. Ми помагаше во пакувањето на  еден  мал  милион  дребулии,  бидејќи  нѐ  очекуваше  преселбата  во куќата близу  Скопје,  нашето ново живеалиште.
Неколкупати тоа попладне почувствував блага  треска и општа слабост. Верував дека е вообичаена настинка, па не обрнав преголемо внимание. Во подоцнежните часови ситуацијата се  влоши, а веќе во вечерните добив неверојатна треска, за каква   само сум слушала.  Буквално се смрзнував, како  да  сум на минус дваесет степени. Треската беше  проследена со грчеви  кои  ми го  подигаа телото и тоа прилегаше на епилептичен напад, но секако не  беше тоа, зашто веднаш потоа следеше висока  температура.
Веќе по еден час бев  примена  на  една  од клиниките. Итно започнаа лабораториските испитувања и постојано бев под инфузија. Но и покрај тоа, невообичаените трески се  повторуваа, траеја околу  дваесетина минути и со сѐ  повисока температура. Лицето на Јулијана и нејзиното присуство ми влеваше храброст и мајчинска утеха.  Без да се  помрдне од креветот, таа беше постојано со мене во текот  на дваесет и четири  часа.  Ниту  ноќта не ме оставаше сама. Таа и мојот сопруг  постојано беа покрај мене. Ако случајно ја  испружев  раката кон чашата топол чај, таа веќе во следниот миг ми ја принесуваше кон  устата. Ме покриваше, ми ги туткаше нозете под ќебето, ја ставаше раката на моето чело... и повторно се  чувствував згрижена, како  во домот на мојата мајка.
Се вратив  назад низ  времето и ја видов малата Марија,  која  беше  толку среќна затоа што добила   ангина  и  висока   температура.  Знаете ли зошто? Затоа  што  мојата мајка  тогаш  ги  оставаше сите  обврски и нежно  ме галеше по челото и косата.
Погледнувајќи во термометарот, Јулијана се смешкаше со благост, но не можеше да ја сокрие  загриженоста што се читаше во нејзините очи.
- Јулијана - ѝ реков - веќе  трет  ден како ги оставаш сами сопругот и децата. Не мислиш ли дека треба да  одиш  дома,  да  се  одмориш и  да  се
погрижиш и за нив?
- Твој проблем е да оздравиш, а другото е моја работа - ми одговори, принесувајќи ми ја лажицата  со топла супа.
Се прашував дали  и јас би ја направила истата  жртва за неа!? Не бев многу сигурна. Сепак, по преживеаниот немир во овие студени болнички денови го спознав подвигот на самопожртвуваност  и сигурна  бев  дека  во  слична ситуација со многу  разбирање би го сторила истото.
И четвртиот ден не ме одмина треската. Температурата  се  качи  до четириесет и првиот степен. Резултатите беа  готови но  се  беше  во  ред. Докторите веќе  беа  нервозни, не  им  беше  јасна причината, а објективната слика беше  сѐ  позагрижувачка. Направија и дополнителни  рентгенски  снимки. Јулијана, невидливо во сите  овие  ситуации, беше  покрај мене.
Кога  ќе  се  почувствував  малку   подобро,  се прашував  што  направив за  себе,   за  блиските и пријателите од светот, за  Бога. Која  благородна,
висока идеја   ќе   го  оправда  моето  битисување? Луѓето кои ги познавав, пак,  трчаат  по своите соништа, градат олтари од своите високи  позиции, суетни професии, докторски дисертации, од своите дебели конта, од своето лице  и добриот  стас,  од  своите палати, од својата моќ. Многумина од нас вршат насилство врз човекот со неговите исконски соништа, доведувајќи го во заблуда и  во ќорсокак.
Го фрламе каменот на  осудата кон  оној  кој е поинаков од  нас,  кој има  повеќе  од нас  или  оној кој живее  едноставно, кој умее  да  се смее  повеќе од нас,  оној кој монаштвува и тихува  во  ќелијата на  љубовта,  горе  на  ридот.  Сите  се грешни, зашто не се како  нас.  Го фрламе каменот на осудата, за   да   побегнеме  од   сопствената   одговорност. Што  направивме  да  го  обновиме  светот,   да  го пронајдеме  човекот, да  го  стуткаме  детето  под пазувите за  да  го  памети  мирисот на  љубовта?
Што направив јас?
Последната треска ми го ускрати размислувањето. Овој пат  ме  доведе  до работ.  Температурата се искачуваше сѐ повеќе.  Терапијата можеше  само  толку.  Чувствував дека  заминувам. Над креветот ги видов  познатите лица,  на мојот сопруг,  Јулијана и уште  двајца  доктори. Стоеја и немоќно  гледаа во мене.  Главата како  да  ми  беше  од  олово,  а  очите  тешко  можев   да  ги  отворам. Гласовите веќе ги слушав од далеку. „Скоро 42", - рече некој.  Го чув тоа од далечина како  ехо.  Потоа  се  најдов  во необична тишина. Тонев  во темница.
Со следното отворање на очите успеав да видам човечки  обриси, но без  лица.  Не чувствував ништо   освен   чукањето на  срцето што  беснееше проследено  со  болка  во  градите. Имав  време да помислам:  „Умирам, толку  ли  е  сѐ  едноставно?" Но, веќе во следниот миг  си  го  чув  сопствениот глас: „Во името на  Бога, помогнете ми!"  Тоа беше  спасителен крик! Веднаш потоа забележав женска фигура како ги оттурна другите од себе, а следното што го почувствував беа нејзините раце врз мојата глава.
Дишењето се воспостави, срцето се  успокои, телото лесно се капеше во пот.  Близу моето лице ја видов  широката насмевка на  мојата Јулијана и благиот  стисок  од раката на мојот  маж.
- Се вратив, се вратив,  жива сум - им реков.
- Да, нѐ преплаши. По твојот повик  „во името на Бога, помогнете ми",  нешто  ме поттурна да ги ставам рацете на твојата глава  - рече  Јулијана.
- Но,  само  за неполна минута бев пак  добра,
што друго се случи?
- Ништо особено. Ги ставив рацете измиени во алкохол, за неколку минути температурата се спушти и за другото знаеш...
- Јулијана, ти си мојот ангел-чувар - прегрнувајќи  ја, ѝ  реков.  Не  беше  навикната на  нежности, па скромно ми шепна:
- Сепак, некој  друг ја заврши работата!?
Го префрли шалот преку моите раменици и кришум се прекрсти.

* * *

Закрепнував речиси цел месец, притоа благодарејќи му на Бога  за големиот дар, можноста да ја видам на дело  вистинската безусловна љубов, толкавата бескрајна пожртвуваност до самозаборавање.
Токму така, мојата пријателка заборави на своето семејство,  на  шестгодишниот син,  на опасноста по сопственото здравје и живот, предавајќи  се во служба  на ближниот свој.
Сите мои знаења за Бога  добиени од теолошки расправи, животот   во  црквата во  пост,  исповед,  причест, сите  мои молитви и обиди  да бидам

во служба  на  човекот беа  едно  големо ништо во споредба  со  подвигот  на  безусловно  давање  на кое  што, без  да сака, ме подучи Јулијана. Ја спознав верата со дела!

 

 

(Продолжува)
* * *
Сите настани и ликови во романов  се апсолутно веродостојни.
Сменети се само  имињата  на некои  ликови

Друго:

Matka.odLit4.jpg