Задоволство ни е да ве известиме дека од печат излезе уште еден нов наслов од едицијата AMOR MAGNUS – ИНТЕРМЕЦО, Томас ХАРДИ (1840-1928) –  што ја подготвуваме за нашиот годинешен јубилеј 25 години.

Поради специфичниот реализам и вонредно пластичниот опис на амбиентот во кој се случува дејството во неговите романи, тој се смета за најдобар англиски автор од тоа време - „последен викторијанец“. Се интересира за проблемите на судбината и за улогата на случајот во човековиот живот. Големо внимание и’ посветува на жената, како на таинствено и непредвидливо олицетворение на природните начела.

За првпат на македонски јазик ви претставуваме едно од неговите најдобри дела ИНТЕРМЕЦО. Што ќе се случи ако за миг замижиме пред реалноста и пред разумот? Една кратка пауза, едно мало свесно или несвесно скршнување од патот, може целосно да го пренасочи текот на нашиот живот. Потребен е само еден мал, безначаен и навидум бизарен настан за да предизвика бура и да нѐ фрли во вителот на искушението.

 

 Едицијата AMOR MAGNUS ви ги претставува безвремените книжевни и научни ремек-дела во кои на импресивен начин се насликани сите лица на љубовта.

Нежна и опасна, реална и волшебна, љубовта е и болест и лек. Таа останува сеприсутна магија која нѐ прави она што сме – луѓе!

 

 

Првото коло е во печат, а во него ќе излезат насловите:

 

1. ДЕВИЈАНТНА ЉУБОВ, Сигмунд ФРОЈД

2. ДЕВИЦАТА И ЦИГАНИНОТ, Дејвид Х. ЛОРЕНС

3. ИНТЕРМЕЦО, Томас ХАРДИ

4. ЗА ЉУБОВНИЦИТЕ, ТИГРИЦИТЕ И ДРУГИОТ ПЛЕН, Џакомо КАЗАНОВА

5. ДЕТИНЕСТО, НО МНОГУ ПРИРОДНО, Кетрин МЕНСФИЛД

6. ЗАБРАНЕТИ ЗАДОВОЛСТВА, АБЕЛАР И ЕЛОИЗА

7. ДНЕВНИКОТ НА ЗАВОДНИКОТ, Сорен КЈЕРКЕГОР

8. СВЕТОТ НА СЕКСОТ, Хенри МИЛЕР

9. ГЕРТРУДА, Херман ХЕСЕ

10. КРОЈЦЕРОВАТА СОНАТА, Лав ТОЛСТОЈ