3.angeli.so.truba

Ја знаеш ли приказната, што им била раскажувана на твоите предци, на македонските дечиња, пред заспивање? Онаа древна приказна, со која што родителите уште пред времето на Големото Кралство ги испраќале своите деца на зајдисонце. Не? Е па еве ја таа приказна. Можеби некому ќе му се допадне, па ќе ја раскажува навечер пред спиење на неговите фиданки што денес растат.

Си било еднаш ...
едно ангелче.


И си седело самичко на едно облаче.
Сé додека еден ден Бог го видел и го прашал
‚Зошто седиш без работа?‘
И ангелчето одговорило
дека му е кажано да чека,
додека Бог не му даде задача,
и дека таа задача
ќе биде само негова,
за да ја исполни.

И Бог му даде задача.

И му рече
да се симнува секоја вечер на зајдисонце
долу на земјата,
кај (името на детенцето),
за кога ќе заспие и сонува
да му ги раскаже тајните за светот,
да му ги шепоти тивко во увце.

И така бидна.
Ти можеби не го гледаш,
но ангелчето веќе ти е седнато на раменцето,
трпеливо си чека,
за кога ќе ги затвориш очињата,
да те бакне за носето
и да почне да ти раскажува,
дека си ти дел од земјава,
никнат од оваа почва,
и дека сите што газат по неа
се твоите браќа и сестри.
Ќе ти шепоти во увце и ќе ти раскажува
за принцевите и принцезите од дамнина,
кои ја чувале оваа земја,
кои учеле од најдобрите,
за да владеат праведно,
за ти да бидеш среќно.
Ќе ти раскажува за твоите дедовци кои биле храбри воини
и за твоите баби,
кои храбро ги испраќале во битка и
за тоа дека мама и тато наскоро ќе те пуштат сам да го откриваш светот,
за да паѓаш,
и се научиш
сам да стануваш,
за да знаеш како да си го исцрташ животот
со какви ти бои ќе посакаш,
и за да знаеш
да ја препознаеш својата сродна душа.

Ќе ти шепнува,
од ништо да не се плашиш,
а најмалку од човека,
а само од Бога.
Ќе ти шепнува
дека ти ќе го смениш светот,
сакал или не,
со сите тивки
и со сите гласни нешта што ги правиш:
со малите добрини,
и со големите подвизи,
но и со секој гнев
кој нема да сакаш да го совладаш.

Ќе ти шепнува
секогаш да ја избереш љубовта
и добрината
за да го храниш животот
со решителност и храброст.

Ќе ти шепнува за пристојноста
која е светилник на твоето срце.
Кога нема да знаеш во кој правец да отпловиш,
нејзиниот оган ќе те води.

Ќе ти шепнува дека големото Сонце кое нé Ѕерка,
е нашиот хранител,
дека сé додека грее има надеж,
и дека ти и дрвјата
го цртате кругот на животот:
тие издишуваат, ти вдишуваш,
а твојот здив е нивната храна. И наслушни,
кога ветрот шуми низ листовите,
тие те поздравуваат галејќи ти ја душата.
Ангелчето ќе ти шепне
дека само такво какво што си се родило,
во срценцето детенце,
искрено и чисто,
ќе бидеш Едно со природата
и ќе ги донесуваш најисправните одлуки.
И ќе ти ја каже главната тајна
на светот:
Дека ништо не е конечно.

И кога ќе си замине ноќта
и кога Ѕе топло ќе те бакне,
и ќе те допре по врвот на носето со Неговата светлина,
ти ќе се разбудиш
и сé ќе заборавиш,
за да можеш самиот
пак да се сетиш
на сé.

 

Избор од фб профил на

Marija Stojanova

 Забелешка за авторот:

Марија Стојанова, Македонка, родољуб, социо-лингвист
(Социолингвистиката е гранка од науката за јазикот. Предмет на нејзиното истражување од една страна се социјалните, политички и културни значенија на јазичните системи и варијациите на употребата на јазикот, од друга страна влијанијата кои што врз јазикот ги имаат културата и општествените услови.)

 

3.angeli.so.truba1 

 25ти мај 2020 лето Господово