Катерина Богоева: Уметноста влијаеше да се задржи разумот во државата
25/03/2019 - 14:32 Вести, Култура

Долгогодишната новинарка во областа на културата, Катерина Богоева, денес ја промовира книгата „Разговори за нас“ од издавачот „Блесок“. Книгата содржи триесеттина интервјуа снимени и објавени од 2000 до 2017 година при нејзиното работење во „Глобус“, „Премин“ и „Утрински весник“.

Богоева за Радио МОФ потенцира дека како новинар со 25-годишно искуство, интервјуата најмногу и „лежат“, најмногу ги сака како жанр.


Катерина Богоева

„Убаво е кога се ставени на едно место и опфаќаат период од државата кој, според мене, беше доста значаен. Многу работи се случија. И политички, и на ниво на култура. Уметноста е многу важна. Влијаеше да се задржи разумот во државата. А сите тие личности, без разлика дали се архитекти, археолози, етнолози, писатели или сликари, со својот аспект – уметничкиот, креативниот, истражувачкиот… придонесоа за светлата страна на историјата на Македонија, бидејќи овој период (2000 – 2017) беше прилично драматичен. Остави трага во севкупното живеење“, нагласува Богоева.

Затоа, вели таа, кога се затвори „Утрински весник“ го посветила времето на собирање на интервјуата. И ги собрала, но не сите, дел од нив.

„Ги објавив и ми е драго. Дел од личностите во книгата не се живи. Има интервјуа со ликови како Милош Билбија, Борис Чипан, Анета Светиева, Глигор Чемерски… Кога работам интервјуа со луѓе, им приоѓам темелно. Сакам да ги сретнам, да помуабетам, да читам за нив, да ги запознаам. Интервјуата ми се важни бидејќи бараат истражување“, вели таа, забележувајќи дека денес, голем дел од интервјуата се прават површно, во позабавна варијанта.

„Многу е важна енергијата, кога ќе го видиш човекот да си ги измериш силите, да знаеш со кого имаш работа, што да бараш од него. Тоа е како играње шах. Бара борба, психолошка борба, спремност, сам себе да се преиспиташ“, вели авторката на „Разговори за нас“.

Богоева забележува дека архивите на бројни медиуми ги снемува, а со тоа исчезнуваат и новинарските вести, интервјуа, теми, односно податоци кои имаат историска важност за континуитетот на културните, социјалните и политичките бранувања.

„Ја нема архивата на ‘Утрински весник’. Не постои. Морав да одам до Универзитетска библиотека, да копирам и барам низ прашина. Голем проблем во Македонија е дигитализирање на архивите на весниците. Се губат! А, тоа говори за губење на меморијата, за постоењето на одредени периоди во државата, што е страшно. Вака барем зачувуваме дел од тие содржини“, нагласува Богоева.

На некој начин, вели таа, вака си потврдува и дел од својата меморија, дел од својот живот.

„Интервјуата се дел и од идентитетот, дека нешто конкретно си работел и вложил. Истовремено и некои луѓе што ги интервјуирав ми се многу драги. Интересни се, мудри се да разговараш со нив. Ми отвориле многу прозори“, констатира Богоева.

Инаку, нејзината книга ќе биде промовирана денес (25 март) во МКЦ од 20 часот. Промотори на „Разговори за нас“ се Бојан Иванов и Емилија Петреска – Камењарова.

Освен дејностите во новинарската професија, Катерина Богоева е автор и на монографијата „Современи македонски уметници “, коавтор на монографијата „Триесет години Факултет за ликовни уметности“, како и на публикациите „Крушево – хабитат за човекот“, „Мечката во народното творештво“ и „Голем град“. Години наназад е и во жири комисијата за „Роман на годината“. Добитничка е и на наградата „18 Мај“ – Меѓународен ден на музеите за музејски проект за 2009 година.

Бојан Шашевски

Извор: https://www.radiomof.mk/katerina-bogoeva-umetnosta-vlijaeshe-da-se-zadrzhi-razumot-vo-drzhavata/