Скопје, 25 јуни (МИА) - Стихозбирката „Среде“ на Ристо Лазаров објавена од „Блесок“ ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за 2008 година, која фестивалот Струшки вечери на поезијата ја доделува за најдобра поетска книга од македонски автор меѓу две фестивалски изданија.

Одлуката ја донесе тричлено жири, во состав  Санде Стојчевски, претседател, и Наташа Аврамовска и Џабир Ахмети, членови. Стојчевски на прес-конференција рече дека во наградената книга се заокружени и се доведени до вистинска творечка зрелост сите досегашни својства на поезијата на Лазаров.

- Со оваа книга Лазаров го достигнува својот творечки зенит, збогатувајќи ја современата македонска литература со специфично и сложено лирско дело. Книгата „Среде“ е наградена поради спомнатите карактеристики, како и за уште голем број својства и квалитети што таа ги содржи, а кои сугурни сме ќе ги регистрира и ќе ги коментира книжевната критика, рече Стојчевски.

Лазаров првпат ја добива оваа награда која ќе му биде врачена на 47-те Струшки вечери на поезијата, на свеченост во Домот на браќата Миладиновци во Струга. Наградената книга преведена на англиски јазик ќе биде промовирана на наредното фестивалско издание. „Среде“ е завршен дел на неговата поетска трилогија во чиј состав се и  стихозбирките „Ненадејна“ и „Чехопек“.

- Кај наградите е важно нивното име, како и листата на добитниците на наградите. Од таа страна се чувствувам почестен, бидејќи нашата јавност многу добро знае кои се добитници на оваа награда и какво е нејзиното место и значење во нашата литература, рече Лазаров и го подвлече значењето на фестивалот за македонската литература и култура.

- Многу сум среќен што по сите перипетии Струга и Струшките вечери на поезијата влегоа во нормални, вообичаени текови и што ќе се одржат во една посакувана, книжевна атмосфера. Многу е поважно да се зачува ликот на фестивалот и неговото немерливо значење за нашата поезија и литература, отколку самиот факт што некој е добитник на престижната награда на Струшките вечери на поезијата. Без нив таа не би го имала вистинскиот сјај и значење, додаде Лазаров.

 На конкурсот за наградата „Браќа Миладиновци“ пристигнале 21 ракопис. Покрај книгата на Лазаров, во најтесен избор била и стихозбирката „Мојот Пикасо“ од Виолета Танчева-Златева. Современата македонска литература во изминатата година ја збогатиле и најновите поетски книги на афирмираните поети Матеја Матевски, Радован Павловски, Тодор Чаловски, Ефтим Клетников...

Струшките вечери на поезијата ќе се одржат од 21 до 24 август. Организзторите веќе објавија дека подготовките се при крај и оти учество на фестивалот пријавиле 82 поети од 52 земји во светот. хс/са/12:35