Грмна алармот уште во 6.30 часот иако беше недела. Стамен нагло се заврте и ја протегна залоената куса рака за да го замолчи алармот на зеленкастиот часовник што ѕвонеше од наткасната покрај неговата глава. Во истиот момент кога металното чеканче што удираше на лименото ѕвонче од зеленкастиот часовник го удри Стамена по најистурениот дел од раката. Го удри по кусо, дури под кожа исечениот нокт од средниот прст, при што му предизвика страшна болка.

И само што помисли дека болката е толкава што не може да замисли поголема, па почна да ја тресе раката во надеж дека свежиот утрински воздух при брзото тресење на раката ќе му го разлади прстот и така разладен ќе ја смири болката, кога одеднаш почувствува страшна болка во грбот. Болката беше толку силна што за момент го загуби здивот и доби нагон за повраќање. Се обиде да се прибере барем за момент за да стане, и ритуално, како и секое утро, да се довлече до тоалетот. Набргу се откажа од идејата бидејќи сфати дека секое, дури и најмалото движење му ја зголемува болката.

Остана така во агонијата од својата болка згрчен во креветот уште неколку часа. А алармот не престануваше, оти не беше ни стигнал Стамен да го досопре поради повредата на прстот, а потоа и поради неможноста да се помрдне. Ѕвонеше со својот метален звук правејќи неподнослива бучава. Само повремените лелеци на Стамена, одвреме навреме, беа погласни од него.

Но Стамен не го ни забележуваше тоа. Сконцентриран беше на болката.

Кога за момент почувствува дека болката се потсмири, без нагли движења успеа да собере сила и да се исправи на нозе. Тогаш ја забележа и металната бучава на алармот, но не сакаше да ја троши силата на негово сопирање. Продолжи со ситни чекорчиња кон тоалетот. Кога поминуваше покрај столот на кој имаше испеглан тегет костум, бела кошула и црвена машна, пружи рака на столот за да може да одмори и да земе здив. Наеднаш болката повторно го зголеми својот интензитет и овој се струполи на подот. Не можеше уште бајгиди време да се исправи, но успеа некако со ползење да се довлече до вратата од тоалетот. Имаше чувство на надуеност на бабулето и мораше да ги олабави ѕидовите на мочниот меур, бидејќи некако знаеше дека тоа му ја зголемува болката. Кога по којзнае колку време го почувствува второто олеснување, се исправи на нозе и застана гордо над веце-школката. Со крајни напори успеа да измоча некоја крвава капка. Срцето од страв почна забрзано да му бие. А болката се врати чиниш уште поголема. Така избезумен, што од болка, што од страв, направи неколку брзи чекори и се фрли на каучот. Алармот и натаму ѕвонеше, но сега неговиот звук се мешаше со џагорот од улицата надвор, поточно од Маршалскиот плоштад. Дури невообичаено за неделен ден. Се слушаа од улица свирења на коли, гласни патриотски песни, шумови на развиени црвени знамиња, понекоја парола, понекој стаклен звук од наздравување со шишињата пиво.
До Стамена тој ден ништо од тоа не допираше. Само се допираше по испотеното чело со ладна пот за да се забрише.

Кутриот, немаше ни кому да се јави за помош. Беше навикнат сам да ја троши високата офицерска пензија.

Интензитетот на болката постојано варираше. Во моментите со намалена болка само успеваше да се заврти на другата страна, еднаш за да посегне по баралгин за да се напие, еднаш за да стане до чешмата да земе вода за апчето и уште двапати за да оди до тоалет да проба да се олесни, каде што повторно тешко одеше, а беше и повторно крваво. А стана и уште еднаш кај 7-8 часот за да запали светло. Во тој момент надвор атмосферата стануваше сè пожестока. Мноштво народ се собираше од сите страни на градот. Почнаа да се слушаат метални звуци од цевки, дрвени од истоварувањето штици, од камионите што пристапуваа до центарот за да растоварат нешто, од монтирањето на донесените материјали. Музиката наскоро почна да станува сè погласна. Се приметуваше дека се пушта од квалитетен државен разглас. Се шушкаше меѓу луѓето за некои резултати. Дека е готово, дека нема назад.
Ближеше веќе полноќ кога Стамен за првпат стана и цврсто одлучи дека нема да ѝ се плаши на болката и дека ќе стои над школката додека здраво не изуринира. По неколкуминутно натегање со млазот, почувствува страшно печење по должината на целите мочни канали. Кога го чу тапиот удар на камчето врз емајлираната керамика и шумолењето на топлата и црвенкаста од крв течност, се испоти повторно, но првпат тој ден и без страв длабоко вдиша.
Му падна каменот од бубрег. Побрза кон терасата да земе воздух. Се збуни кога виде толку народ под својата тераса и кога чу толкава бучава од музика, од распеан народ, од огномет, од наздравувања, од аплауз, кога се приближи таткото на нацијата до микрофонот на свечената бина и кога рече:

„Граѓани и граѓанки на Македонија, дозволете вечерва вам и на сите граѓани и граѓанки на Македонија да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија.“

На Стамена не само што му падна камен од бубрегот, му падна и камен од срцето кога го чу резултатот. А од болката беше заборавил дека денес е денот во кој требаше да гласа. Со душа во страв знаејќи ја силата на својата војска, која до пред скоро ја командуваше, но и со храброст затоа што си ја сакаше татковината.

Иако во пижами и неисчешлан, ја стави десната рака на срцето и викна колку што го држи глас:
„Да живее независна Република Македонија“.
Неколку десетици погледи се свртеа кон неговата тераса и отпоздравија смеејќи се.
Усрамен Стамен што така неподготвен славеше, се стрча внатре. Дури тогаш повторно го чу алармот. Го вчапи саатот со двете раце, високо го подигна, го тресна од подот и торжествено повторно викна:

„Да живее Македонија! Нека пукнат душманите!“

Однадвор уште се слушаа звуците на музиката, џагорот и огнометот, а внатре задоволната насмевка на Стамен и обидот на стрелките од распарчениот часовник да свртат уште некој круг.

Автор: Отец Пимен

 19-ти ноември 2017 лето Господово

 

 Извор: http://sky-mk.com/blog/2017/11/19/otets-pimen-za-makedonskite-raboti/