ВО МАНУ промовирана книга за Крлежа по повод 120 години од раѓањето и 100 години од неговото прво доаѓање во Македонија

„Мирослав Крлежа 120 години од раѓањето и 100 години од првото доаѓање во Македонија“, ова е насловот на книгата која денеска, на Денот на Фондацијата „Трифун Костовски“, како нејзино издание и издание на Македонската академија на науките и уметностите, беше промовирана во Академијата. Специјалното издание за еден од најголемите писатели на нашето време, Мирослав Крлежа и Македонија, кое е објавено по повод 120-годишнината од неговото раѓање (Загреб 1913 - 1981) и стогодишнината од неговото прво, од трите доаѓања во земјава во 1913 година, содржи текстови на академик Катица Ќулафкова, на Горан Калоѓера и Божо Рудеж од Хрватска, како и на академик Гане Тодоровски. Тодоровски, како што потсети академик Камбовски во своето обраќање, Крлежа го нарекуваше „Волтер на нашето време“ и човек кој бил голем пријател на Македонија и на македонската култура.

„Мирослав Крлежа, со ова издание, повторно се враќа и во Македонија. Тој неа и' припаѓа. И неа ја има задолжено.Тој се има впишано во македонската понова културна историја со неговата емпатична љубов спрема македонскиот народ. Со неговиот восхит пред македонската средновековна уметност. Со неговата почит спрема македонската писменост. Со свеста дека глаголичната писменост и култура ги има конституирано словенските идентитети, посебно на потегот помеѓу Македонија, Босна и Херцеговина и Хрватска. Со сочувството спрема македонските историски трагизми, поделби и неправди. Со интересот за македонската книжевна и културна модерна. Со разбирањето за македонските театарски прилики. Со јасната свест за македонскиот идентитет и неговата посебност. Со својата визија за издавање посебна (општа ) македонска енциклопедија. Со својата македонска патописна приказна. Со својата македонска лузна, од времето на неговото прво доаѓање во Македонија, во 1913 година, во екот на Балканските војни, кога едвај спасува жива глава“, посочува меѓу другото академик Ќулафкова.

Изданието го промовираше академик Влада Урошевиќ, по најавеното обраќање на академиците: Томе Серафимовски, претседател на УО на Фондацијата и Владо Камбовски, претседател на МАНУ и на Трифун Костовски, основачот на Фондацијата.

Академик Камбовски потенцираше и дека и оваа година, 16. Фондација „Трифун Костовски ја продолжува својата дејност како благородна форма на поддршка на активностите на МАНУ, додека Трифун Костовски, во своето обраќање изрази задоволство што во изминатите неколку години изданијата на Фондацијата се со регионална димензија што коинцидира со потребата за се' поголемо запознавање на постојните балкански вредности, но и со аспирациите за влез во ЕУ и НАТО. Фрагменти од книгата читаа актерите: Магдалена Ризова-Черних и Борче Начев. (К.Б.)