ОД 8 ДО 14 АПРИЛ - 26. САЕМ НА КНИГА


Изданија на 70 најголеми издавачи од Македонија и од регионот


Под мотото "Саем на книга, саем за љубовта кон пишаниот збор", годинава на саемот ќе се претстават и издавачите од Србија, Бугарија, Албанија, Италија, Шведска и за првпат од Унгарија, а ќе се одржат и повеќе од 40 промоции


Традиционалниот, 26. по ред, Саем на книгата стартува на 8 и ќе трае до 14 април. Во "Метрополис арена" на Скопски саем, на површина од 3.000 метри квадратни ќе бидат претставени повеќе од 70 издавачи од Македонија и од странство. Според организаторите, на саемот, кој се одржува под покровителство на Министерството за култура, пред македонската јавност ќе бидат претставени современи и класични литературни дела, стручна, научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и уметноста. Саемот на книгата, како што велат, е еден од најатрактивните манифестации, а бројот на посетители се движи околу 40.000.

На саемот, како и минатите години, покрај најголемите домашни издавачи, ќе се претстават и издавачи од регионот. Официјалниот претставник на Србија е Народната библиотека на Србија, а ќе бидат претставени и изданијата на Вулкан". Од Бугарија ќе се претстави Просвета либри", а од Албанија Тоена", Фон Ноли" и Лабова". Претставувањето на Италијанците е поддржано од Амбасадата на Италија, а од Шведска ќе биде промовирана детската литература. За прв пат на саемот ќе учествува и Унгарија, при што ќе бидат изложени преводите на дела од унгарски јазик настанати во изминатите десетина години.

Во рамките на саемот ќе се одржат и преку 40 промоции на новообјавени изданија, средби со автори и литературни читања.

За време на саемот ќе се организира и кампања на тема Прати најљубовна порака поврзана со книгата и пишаниот збор на Фејсбук страницата на Скопскиот саем и добиј книга", во рамките на која ќе бидат доделени 100 книги.

Саемот свечено ќе биде отворен ден претходно, односно в понеделник во 19 часот, а работното време е од 10 до 20 часот. Цента на влезниците е 30 денари, а за организирани групи 20 денари. (Д.Т.)

"Златен прстен", Исидора Бјелица, Дикенс...
Во организација на НУБ Свети Климент Охридски" ќе се претстави со над 100 наслови од едициите Ѕвезди на светската книжевност" и Нобеловци", како и со пет нови изданија во едицијата Македонска книжевност", а ќе се организираат и промоции на македонски автори - добитници на домашни и меѓународни награди. Издавачката куќа Феникс" ќе ја додели наградата Златен прстен" за творечки опус, на штандот на Или-или " ќе може да се купи романот Резервен живот" од Лидија Димковска, кој ја доби "Европската награда за литература". Издавачката куќа "Три", пак, ќе организира гостување на авторката од Србија, Исидора Бјелица.

Најдобро издание, книга и книжар
Од страна на Здружението на издавачи и книжари на Македонија и годинава ќе бидат доделени награди за најдобро издание меѓу двата саеми, најдобар книжар на годината, како и најпродавана книга на саемот. Резултатите од изборот, кој е направен во силната конкуренција и богатата понуда на издавачката продукција, ќе бидат објавени в сабота (12 април) во 19 часот.

Извор: Вечер