vladimir-plavevski

„Јадица“ на Владимир Плавевски – Роман на годината на „Утрински весник“ за 2013 година

 Романот „Јадица“ од Владимир Плавевски, во издание на „Силсонс“, е годинашниот добитник на престижната награда на Утрински весник – „Роман на годината“. Оваа одлука, со мнозинство ја донесе петчлената жири-комисија во состав: Митко Маџунков, минатогодипниот лауреат и претседател, како и Ферид Мухиќ, Весна Мојсова-Чепишевска, Оливера Николова и Катерина Богоева.

„Роман на годината“ на Плавевски му е доделена во годината кога „Утрински весник“, како и самата награда, одбележуваат значаен јубилеј – 15 години од формирањето, додека свеченоста по повод доделувањето на наградата ќе се одржи на 26 март во „Сити хол“ центарот.

„Јадица“ го следи животот во Домот за најденчиња и во Домот за деца без родители, раскажан јасно и прецизно, во најдобрата традиција на она што ни е познато како жанр-литература. „И во тој дел, а и низ целиот роман, има многу впечатливи ликови, јазикот е главно колоквијален и сообразен со ликовите, а раскажувањето тече живо и брзо, што не е баш лесна книжевна задача. Според природата на сижето, општите места врзани за детските доживувања полека се стопуваат со општествената слика, која јасно испливува особено од моментот кога сирачето Најден Петковиќ односко Петковски (зашто е најдено во петок) ќе биде усвоено од мајка Зага и татко Марко и ќе добие ново презиме, Дреновски…“, се вели во образложението. Жирито додава и дека романот е широка слика на едно време, со впечатливи ликови, со живо опишани ситуации, со уверливи дијалози, драматичен и со чувство за филмско кадрирање, што му дава и еден ликовен квалитет.

Владимир Плавевски досега ги објавил книгите: „Папарацо-феномен на денешнината“ (1997), „Градител на боговите“ (1997), „Фотографија“ (1998), „Играч на Фанта“ (1999), „Амкање“ (2001), „Ловец на самовили“ (2004), „Поплава“ (2006), „Цена од Ново Маало“ (2009) и најновата „Јадица“. Автор е и на голем број сценарија од кои за Македонската радио-телевизија до сега се снимени над 40 епизоди – од играната серија „Еурека“, „Прекалени“, „Светски бајки“, „Македонски бајки“ и „Златни басни“… Се потпишува и како сценарист на ТВ филмовите: „Состојба пред инфаркт“ (1987), „Бог да ги убие шпионите“ (1993) и „Вампирџија“ (2002).
Извор: http://a1on.mk/wordpress/archives/298088