ГОДИШНО СОБРАНИЕ НА ДПМ: ДАЛИ И ЗОШТО ПИСАТЕЛИТЕ МОЛЧАТ?


Веле Смилевски: Наметнатиот проблем со името е небулоза без преседан


Имам чувство дека нашиот глас никој и не сака да го чуе. Дека не му треба никому. Не само на власта, и на обичниот народ, рече Христо Петрески


Дали и зошто писателите молчат беше прашањето на кое дел од писателите во Македонија се обидуваа да одговорат на Годишно собрание на Друштвото на писатели на Македонија.

Веле Смилевски рече дека кога станува збор за гласот на писателите, не можеме а да не се задржиме и на наметнатиот проблем околу признавањето на Македонија под нејзиното уставно имее.

Тој запраша каква е, или каква треба да биде улогата на писателите, што направиле или што треба да направат во разјаснувањето на оваа небулоза без преседан во поновата историја на Европа и Светот??, потенцирајќи дека, според него, реакциите на писателите се разликуваат од дневните и прагматични реакции на политичарите, на економистите, на правниците.

Писателите се изразуваат преку уметноста на своите дела напишани на македонски јазик, а тоа е најсилниот аргумент за ова идентитетско прашање. Македонскиот јазик не може да зависи од некакви графи, па биле тие и графи на Европската Унија", рече Смилевски.

На говорницата на ДПМ се обратија уште десетина писатели, главно говорејќи поетски состави за непобитноста на македонскиот јазик.

Меѓу нив се одгласи и Христо Петрески, велејќи дека писателите се безгласни, или полугласни, алудирајќи дека не смее гласот на писателот да остане само во книгите.

Имам чувство дека нашиот глас никој и не сака да го чуе. Дека не му треба никому. Не само на власта, и на обичниот народ", рече Петрески коментирајќи дека посилно се слуша шушкањето на парите.

Од помладата генерација членови на ДПМ се одгласи и Иван Антоновски, велејќи дека македонскиот писател умее да го крене својот глас, но мора да се биде реален и да се прифати дека дел од македонската публика мисли дека кај писателите постои молк.

Професорката Вера Стојчевска - Антиќ, пак, кажа дека и да го имавме само делото на светите Кирил и Методиј, сепак ќе имавме светски учители.

Во рамките на овој највисок собир на македонските писатели, вчера во попладневните часови беше закажана и поетска средба на која требаше да настапат триесетина автори, членови на ДПМ од Битола, Прилеп, Тетово, Велес, Куманово, Струмица, Радовиш, Охрид, Струга, Кочани, Штип, Скопје и Крушево.

(Де.Т.)
ФОТО: Н. БАТЕВ