S.Nasev.Drami1.jpg

Сашко Насев, ИЗБРАНИ ДРАМИ

S.Nasev.Drami.jpgНеодамна во издание на Тивериполска филмска алијанса Астерфест-Институт за краток и документарен филм, Струмица, излезе од печат книгата на Сашко Насев „ИЗБРАНИ ДРАМИ“. Книгата ги содржи драмите „Чија си“(1991), „Грев или шприцер“(1992), „Прирачник за самоуништување“(1996), „Магдо љубов моја“(2003) и „Така било пишано“(2010).
Како предговор на книгата проф. д-р. Нада Петковска за ДРАМСКИОТ СВЕТ НА САШКО НАСЕВ пишува:
„Сашко Насев на голема врата влезе во македонскиот драмски и театарски простор на својата дваесет и петгодишна зозраст, со драмата Чија си (праизведба во Драмски театар во 1991) - драмски текст/претстава што означи појава на ново драмско писмо а на нов вид театарско доживување.“ ...
... „Што е новото што го донесоа драмите на Сашко  Насев?
Една од значајните новини е нивната тема, што најконцизно може да се дефинира како преокупираност со секојдневието на обичниот човек. Со своите драмски текстови Чија си (1991), Грев или шприцер (1992), Прирачник за самоуништување (1996), Позитивно мислење (1997), Доле влада (2000), Насев отвори нова перспектива на ваквите теми. Во нив тој предава непретенциозна слика на животот на малиот човек (оној кој најмалку бил предмет на македонската драмска литература), во клучните моменти од општествениот живот, какви што се смртта на Тито, скопскиот земјотрес, војните во бившите југословенски простори, времето на изборите.“ ...
Своето не баш кратко (17 страници) навраќање на драмскиот свет на Сашко  Насев, д-р Нада Петковска ќе го заврши со една мошне сигнификантна определба од страна на неговиот професор и ментор, Кирил  Темков, кој забележува:
„Во таа современост на нашата денешна драма, со која како да се враќа почетокот на веков, незаобиколни се придонесот и значењето на естетичкото пледоаје и драмско дело на Сашко Насев, како дел од една генерација драмски писатели кои веќе го развија и го унапредуваат новиот македонски театар. Знаејќи што сака да каже, имајќи што да каже и кажувајќи го тоа на виртуозен начин, Сашко Насев покажа колку творечки универзално доблесно му припаѓа на чувствувањето, на размислувањето и на создавањето на очекуваниот и посакуван генерациски бран кој на македонската култура и дава нов имиџ, а на македонскиот живот автентичен дух.“ (Sashko Nasev: Who dо уоu belong to. Preface Kiril Temkov. Ѕкорје, 1994, 12).
Се чини дека, на овој начин, Кирил  Темков сосема прецизно го дефинира сето она што го претставува драмскиот свет на Сашко Насев, - пишува д-р. Нада Петковска.

 

S.Nasev.Drami2.jpg

Сашко Насев (1966), драмски писател. Автор на петнаесетина драми, филмски и ТВ сценарија, научни книги од областа на театарот и естетиката, новинарски текстови и друго. Неговите драми имале праизведба во театрите во Македонија, а некои од нив се преведени на англиски, руски, германски, турски, српски, хрватски и други јазици. Се образувал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје (докторирал, магистрирал и дипломирал од областа на драмата и театарот), каде што работи и денеска како професор по драматургија и филмско и ТВ сценарио. Бил новинар, дипломат, уметнички директор на фестивали... Член е на Друштвото на писателите на Македонија, Интернационалниот Театарски Институт, Арс Универзалис и други меѓународни асоцијации. Соработувал со Универзитетите во Џорџтаун, во Виндсор и други градови. Од 1991 година до денес на репертоарот на Драмски театар од Скопје или Македонскиот народен театар постојано се присутни некои од неговите драми. Објавувал во Кинопис, Театарски гласник, Сцена, Дипломат Интернасионал и други стручни списанија. Оженет е со Нада, татко на Гала и Насе Насеви.

 

01.10.2012 год.