Скопје, 20 јуни (МИА) - Во Музејот на современа уметност е отворена изложбата „Импресии: берлинска ликовна сцена” со дела од 18 автори од Германија со различно национално потекло кои се дел од берлинската имигрантска  уметничка сцена. Меѓу нив е и македонскиот уметник Јован Балов, раководител на галеријата Прима центар Берлин.

Куратор на изложбата е  Ролф Кулц Мекензи, кој ги селектираше делата на поголемиот број учесници, а тројца автори се претставуваат по избор на уметникот Балов.  

-  Покрај тоа што заедничкото поднебје наметнува  една општа духовна и ментална клима, токму отвореноста на градот, слободата, перспективите што ги нуди, ги изразуваат и матичните ликовни поетики.  Во барањето  простор за сопствениот идентитет, во препознавање себеси во современото глобално општество, самопрепознавањето станува понагласено, додека толку извиканиот процес на глобализација можеби  ја освестува и зајакнува потребата за идентификација, наведуваат организаторите на изложбата.хс/сст/