Изложбата „Пикасо и мајсторите“, поставена во париски Лувр, предизвикува бурни реакции кај француската елита, вознемирена што делата во славниот музеј привлекуваат многубројна публика. Откако неодамна рипнаа на нога поради кралот на кичот Џеф Кунс и неговата изложба поставена во Версај, за која сметаа дека не е достојна за ваков кралски третман, парискиот крем сега е незадоволен и од Пикасо.

- Масите се како смртоносна рак-рана за прочуениот музеј - изјави Марк Димароли, претседател на Друштвото пријатели на Лувр, кој образложи дека во иднина ќе се посетува Лувр како што сега се посетува Чернобил.

Припадниците на француската уметничка сцена ги обвинија организаторите на оваа изложба дека целта им е само да ги привлечат масите и на тој начин да го профанизираат Лувр. Според нив, сегашниот директор на музејот Анри Лојрет ѝ врти грб на традицијата стара 200 години со цел да привлече посетители. Со неговото доаѓање во раководството на музејот, посетата е зголемена за 60 отсто.

Изложбата „Пикасо и мајсторите“, која до 2 февруари ќе се одвива во три париски музеи паралелно (Гран пале, Лувр и Орсеј), е најскапата изложба, организирана во Франција досега. Претставувајќи 210 дела од јавни и приватни колекции, „Пикасо и мајсторите“ презентира дела на основоположникот на кубизмот, на средновековни мајстори од рангот на Веласкез, Тицијан, Рембрант, Гоја, но и на најзначајните сликари на 20 век како Ван Гог, Сезан, Мане и др.

Ваквиот необичен спој на имиња е резултат на обидот на организаторите на изложбата да ги проследат сите влијанија низ кои минал Пикасо во својот ликовен развој.

Делата што се изложени на оваа постановка се проценети на стотини милиони евра, а за осигурувањето на сликите се платени фантастични 790 илјади евра. Вредноста, пак, на застапените дела се проценува на повеќе милијарди евра. Засега нема процена единствено за тоа колку ќе спечалат организаторите од посетата на изложбата.