3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Од 23 јуни 2021 до 25 август 2021, цели 64 дена во објектот Чифте амам на Националната галерија беше претставена музејско-ретроспективната изложба по повод 110 години од раѓањето на претставникот на современата македонска уметничка сцена, Димче Коцо. Исклучителен проект во кој беа опфатени сите техники на уметнички израз на овој универзален уметник, цртежи, акварели, сликарски платна, скулптури и таписерии, голем број од нив прв пат претставени на уметничката сцена.
Како основоположник на македонското музеолошко наследство, втемелувач на модерната историографија и основач на катедрата за Историја на уметноста при Филозофскиот факултет во Скопје ги поставува фундаменталните почетоци за безвременска европска вредност.
За неговиот придонес како научник, историчар, уметник, автор со исклучителен и карактеристичен ликовен јазик, нескротлив истражувачки дух, целиот свој животен и творечки век посветен на музејската дејност,  разговаравме со министерката за култура, д-р Ирена Стефоска, придружена од министерката за одбрана м-р Радмила Шеќеринска и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпанска, при денешната посета. Димче Коцо остави силен белег на втемелување на основите на научно-образовната мисла и градењето на силна културно историска свест.
Националната галерија, години наназад, редовно вклучува јубилејни одбележување, со цел да го сочуваме споменот за големите автори и да го премостиме просторот и времето меѓу нивното реално физичко постоење и духовното опстојување во колективната меморија на нашиот народ.
Благодарни сме на сите кои ја посетија оваа изложба и го споделија сопственото уметничко доживување.
Фотографии: Денис Јагџи
Национална галерија на Република Северна Македонија