Уметникот Иван Ивановски во галеријата на Македонскиот центар во Њујорк, „Галерија МЦ", постави изложба која има нумерички наслов - 92ft²&24'12'', и содржи три анимирани филмови и неколку уметнички дела, кои ќе можат да се видат од 19 до 27 ноември 2014 година.



Изложбата го истражува потенцијалот на анимираниот филм како медиум во контекст на современата уметност и ги содржи филмовите „Конзо“ (5'59''), „Народен фронт 12“ (10'23'') и „Внатре“ (7'50''), како и уметнички дела кои се користени во процесот на нивно креирање, но и цртежи и слики од проектите што се во фаза на продукција.

Иван Ивановски дипломира вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2008 година. Во 2013 го заврши Академскиот програм на ФАМУ во Прага. Досега се има претставено со седум индивидуални и дваесетина групни изложби со слики, скулптури, цртежи, видео и инсталации.




Од 2007 година почна да работи филм и анимација, а неговите кратки анимирани филмови се претставени во рамките на различни регионални и интернационални филмски фестивали. Во 2010 година постави скулптури „Луѓе-птици“ во Градскиот парк во Скопје.



Низ медиумите што ги користи за работа, како цртеж, филм и видеоанимација, Ивановски креира сопствена проекција сместена во конкретен општествен и социјален момент и постојано ги преиспитува егзистенцијалните услови создадени во рамките на капитализмот, конзумеризмот, изместените вредности, стравот и инхибициите.

Извор: http://www.mkd.mk/kultura/likovna-umetnost/potencijalot-na-animiraniot-film-kako-medium-kje-bide-prezentiran-vo