stankoski_izlozba


Сабота, 02 Март 2013 02:25    Опусот на Александар Станкоски е од исклучително значење за развојот на македонската ликовна уметност…

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска синоќа во Музејот на современата уметност се обрати на отворањето на ретроспективната изложба на реномираниот уметник, претставник на современата македонска сцена, Александар Станкоски.

Канческа-Милевска, пред многубројната публика, меѓу кои беше и претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, истакна дека Станкоски со својата авангардност, со својот интелектуален и творечки капацитет, е единствена појава во македонската уметност.

 

-Вечерва ја отвораме неговата ретроспективна изложба која е импозантен колаж од 160 дела кои се создавани во бурниот период на интелектуалната и критичка перцепција на реалноста на авторот.  Иако неговиот глобален симултан творечки приод е мултимедијален, оваа изложба вечерва ни ги прикажува комплексните ликовни творби, грандиозните циклуси на различни тематики, лавиринтите на Станкоски, неговите религиски, политичко-идеолошки видувања, неговата иронија, хуморот, пародијата, еротскиот дискурс, неговото творештво кое ги смени темелните канони на македонската современа уметност, истакна во своето обраќање министерката за култура.

Исклучителната уметничка и историска вредност на делата на Станкоски  е забележана и во монографијата која беше промовирана синоќа и на чии страници се содржани релевантни поглавја од творечкиот пат на авторот.

-Оваа научна студија, чиј текст го напиша почитуваниот професор Владимир Величковски, претставува импозантно, високо естетско дело и слободно можам да забележам дека е едно од најуспешните остварувања во оваа област во нашата ликовна историја и теорија. Оваа монографија е вреден подарок за сите почитувачи на творештвото на Александар Станкоски но, таа е и репрезентивен примерок со кој надвор од нашата земја може да се презентира исклучителниот талент и надареност на македонските автори, рече Канческа-Милевска.

02_AStankoskiОпусот на Александар Станкоски е од исклучително значење за развојот на македонската ликовна уметност, бидејќи токму како автор, со својот индивидуален пристап и како една од клучните личности поврзани со формирањето и активноста на авангардната група „Зеро“, направи пресврт во македонското современо сликарство и отвори ново поглавје од неговиот развој. Но,  големо е и неговото влијание во меѓународен контекст, како уметник кој во изминатите година успешно ја афирмираше македонската современа уметност и култура  во сите светски културни центри. Делата на Александар Станкоски  се наоѓаат во повеќе национални и приватни галерии и музеи во Европа и во САД, како и во познатиот Музеј на модерната уметност Лудвиг во Виена.

 03.03.2013

Извор: Министерство за култура