СЕ РАБОТИ НА РЕСТАВРАЦИЈА И КОНЗЕРВАЦИЈА


Трескавец се исправа!



По пожарот на манастирот "Трескавец" периодов повторно започна да се работи на реставрација и конзервација.

"Стручните служби на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Прилеп започнаа со годинашните активности предвидени со програмата на Министерството за култура за заштита на манастирот Трескавец" во Прилеп, кој е споменик на културата од 14 век. Оваа година ќе се изработуваат проектите за конзервација и реставрација на архитектурата и на живописот на црквата Успение на Пресвета Богородица, како и проектот за конзервација на камбанаријата, маѓерницата и на маѓерничкиот конак во овој значаен културно-историски споменик", велат од Министерство за култура.

Паралелно со овие активности, продолжува и доработката на проектот за санација, реконструкција и реставрација на опожарените конаци за да се постигне поголема стабилност и зачувување на автентичноста на конаците.

"Во насока на побрза реализација на сите активности, во изминатиот период беа издвоени средства за изградба на патот до манастирот, кој досега беше главниот проблем за преземање на посериозни конзерваторски зафати во овој комплекс, особено на конзерваторските зафати што се однесуваат на црквата, нејзината архитектура и фрескоживописот", додаваат од министерството.
Манастирскиот комплекс Трескавец е значаен културно-историски споменик изграден под врвот Златоврв. Комплексот кој е подигнат врз постаро култно место, а црквата е изградена на темели на ранохристијанска базилика, го сочинуваат црквата Успение на Пресвета Богородица, старата трпезарија, конаците со кулата, камбанарија над влезот и други помошни згради.

Извор: Вечер