Акцентот во Антологијата е ставен на македонството на Александар, изјави за ВЕЧЕР поетесата Светлана Христова - Јоциќ, главен и одговорен уредник на "Портал"


Тестаментот на Александар Македонски, досега необјавени факти во Македонија, за прв пат објавени фотографии, фрагменти за Александар Македонски, фотографии за погребната кола на Александар, дел од Александридите, македонски народни приказни, анегдоти за Царот, ирански, персијски, азербејџански легенди за Александар, забелешки од Марко Поло, песни од македонските поети за големиот војсководец, меѓу кои и досега необјавени...

Се ова е дел од новиот "Портал", гласник на Македонски духовни конаци, во кој текстовите се објавени под името "Антологија за Александар Македонски".

- Мотивот беше да се свртиме назад кон нашите корени, за кои понекогаш малку знаеме, а најмногу поради тоа што Александар Трети Македонски е наш, македонски. Затоа и акцентот во Антологијата е ставен токму на македонството на Александар, изјави за ВЕЧЕР поетесата Светлана Христова - Јоциќ, главен и одговорен уредник на "Портал". Знаеме дека Македонија е спомната во Библијата 88 пати. Кај Хомер во Илијадата, кај Херодот, Демостен, Квинт Куртиј Руф, Плутарх... Ова е една голема историја за обединувањето на цел еден светоглед", вели Христова - Јоциќ.

Ексклузивната Антологија е објавена на околу 250 страници, а наскоро ќе ја има и во продажба.

Говор пред саркофагот на Александар
"Во сето она што е напишано, сотворено и создадено за Александар Македонски, не постои ништо посилно од занесот, кој еве, веќе над 23 векови се оплодува во светот. Од неговиот занес се префати светот. Само неговиот занес ни остана. А што повеќе од тоа, Боже!" - Светлана Христова - Јоциќ во Истанбул, пред саркофагот за кој се вели дека е на Александар Македонски.

Кажано и запишано за Македонија
- Ех! - што би можело да има поново од ова: еден Македонец којшто ги напаѓа Атињаните и како господар ги уредува работите во Хелада. - Демостен: "Прва Филипика".

- Гордеј се Филипе, радувај се Македонијо, зашто ти си татко на Александар, а ти се викаш негова татковина. - Непознат византиски автор.

- Тие љубеле да се нарекуваат Македонци, што всушност и биле. - Павсаниј.

- Хелените се перчат пред Македонците како полубогови сред диви ѕверови. - Плутарх.

- Македонијо, татковино моја, ти се роди цар кој ќе ги надмине сите други пред него, со кои ти од памтивек си се гордеела! - Непознат византиски автор.

Дејан ТРАЈКОСКИ- Вечер