Уште необјавено

Во 1867 година во Цариград почнал да излегува весникот 'Македонија', кој веднаш од страна на Македонците бил пречекан со големо воодушевување.Еден од читателите кој јавно ја искажал својата радост е битолчанецот Тодор Кусев, кој на 28 јануари 1867 година испратил писмо до редакторот на весникот 'Македонија', во кое, меѓудругото, вели:
'Господине редакторе, вашиот весник со самото име го зачудува секого во Македонија до таа мера, што секој трча да види што весник е што го носи името на нашата земја. Весникот кај Грците и гркоманите е дочекан со тага и бес, зашто тие секојпат воделе борба за погрчување на Македонците, уништувајќи ја и Охридската архиепископија, искрата на нашата иднина. Но, колку и да се мачеа да не' сопрат да одиме напред, не можеа да го искоренат чувството Македонците да не бидат Македонци. Охрид само до пред сто години беше столнина на Патријаршијата основана од Јустинијан, а едно време и светилник на просветувањето на словенскиот човек, но пак не остана назад зошто не го изгуби семето на славните свои прадедовци.
И не само Охрид. Денеска се разбудуваат и ги бараат своите права и од цела Македонија. Сите гледаат да си отворат училишта, да се води служба во црквите на старословенски јазик, да не ги оставаат училиштата и народните работи во рацете на еден-двајца што дошле од друго место, и кои по секој начин гледаат да спречат се' што е народно. Насекаде започнуваат да се воведуваат трговски книги не на грчки туку на мајчин јазик', напишал Кусев пред точно 142 години.

www.kubura.com.mk