Интервју со Димитриј Јемец

05/09/2014
Димитри Јемец, детскинписател и татко на седум деца

Актуелни се разговорите за „денешната младина“. Вие сте во востојан контакт со своите читатели, со деца од разни возрасти. Како гледате на нив? Што ги загрижува? Што мислите, какви ќе бидат тие кога ќе пораснат?

- Ќе бидат различни. Нема истородни поколенија. Тоа зависи од семејството, од тоа колку љубов вложило во детето. А разговорите за „современата младина“ се старечки. Живеел млад човек, викал на мајка си, на училиште лошо му одело, се служел со измами и лукавства, не сакал никого околу себе, потоа се поjавиле жената и децата, егоизмот присилно се намалил, научил да се грижи за уште некој покрај себеси, и ако не го напуштиле жената и децата научил уште неколку навики и станал човек. Потоа станал дедо, седнал на кревет и почнал да расприкажува за „денешната младина“. А на почетокот не се раѓаме како луѓе. На почетокот сме само полупроизводи.

Што ве научија вашите деца?

- Да ги увидиме нашите грешки. Нашите деца се енциклопедија на нашите сопствени грешки. Нетрпение, гнев, раздразливост, неспособност да се организира времето. Секој човек учи сè одново. Ми се чини дека децата им се дадени на родителите за да можат родителите подобро да се видат самите од страна.

Како да ги воспитаме децата? Што воопшто значи воспитание?

- Напишав многу статии за воспитанието, сè додека не сфатив дека не умеам да воспитувам. За воспитување е потребен пример, а зборовите не значат воопшто ништо. За детето да научи нешто, потребно е родителите тоа самите да го прават. Односно, сè додека родителот се тркала пред телевизорот и бесполезно повторува „Учи!“, тој ќе го научи детето само да се тркала пред телевизорот. Уште треба да се разбере дека сите деца се различни. Детето не доаѓа на светот како чиста книга. Детето доаѓа со карактер. Колку деца – толку карактери. Ние не ги испраќаме децата во светот. Ние може само да ги сочуваме или упропастиме. Тие не слушаат што им зборуваме. Тие гледаат што правиме. Невозможно е да се измами детето. Единствен начин за тоа да се поправи, е само доколку родителот се поправи. А доколку не може, тогаш тој треба да ги трпи последиците, а не да „му се качува на глава“ на детето. Таткото кој вика го кара детето оти е гласно, а мајката пушач ја кара ќерката оти пуши. Тоа се глупости. Треба нашите глави да си ги провериме.

Јас често размислувам за следново: има авторитативен пристап на однос со детето, а има и другарски однос. И едниот и другиот имаат свои плусеви. Авторитативниот однос е погоден, но детето брзо ќе порасне во возрасен човек и тогаш ќе исчезне секаков контакт со него, затоа што тешко е да му се вика на возрасен човек. Другарскиот пристап пак, дозволува родителот да се дружи со детето, дури и тогаш кога тој има 60, а детето 40.

Денес, често слушаме разговори за тоа дека бракот како институција веќе станува застарен. Што мислите за ова? Што е според вас, јадрото на силното семејство?

- Бракот е огромна способност луѓето меѓусебно да се толерираат и да се разбираат. Ако се откине – почни одново. Колку помалку луѓето можат да се толерираат еден со друг, толку потешко ќе им биде да се заедно. Само од трпение може низ времето да се изведе вистинската љубов.

 Извор:

 http://agapi.mk/interview-dmitri-yemets/