РОБЕРТ ЈАНКУЛОВСКИ, ДИРЕКТОР НА МАКЕДОНСКИОТ ЦЕНТАР ЗА ФОТОГРАФИЈА

Третманот што го добива македонската фотографија од креаторите на домашната култура, дефинитивно, ќе биде подобрен по неодамнешното отворање на Македонскиот центар за фотографија, гласат очекувањата на неговите осмислувачи и иницијатори. За потребата од проширување на културниот простор посветен на фотографијата, како и за тенденциите во македонската современа фотографија, поразговаравме со Роберт Јанкуловски, фотограф и директор на Македонскиот центар за фотографија, човекот што со своите долгогодишни акции е најзаслужен за зачувувањето на македонското фотографско наследство.
у Македонскиот центар за фотографија ја има најголемата колекција на стари фотографии во Македонија. Какви вредности има оваа колекција?
- На претставувањата што го имала нашата колекција во странство, многу познавачи на овој медиум се изненадувале од квалитетот на фотографиите и од тоа колку кај нас не е позната историјата на фотографијата и нејзината вредност.
Во Македонија, досега, воопшто не е работено на истражување на фотографијата и има многу црни дупки кога станува збор за нејзината историја. Исто така, многу малку луѓе вистински се запознати со вредноста на фотографијата, која се создавала на овој регион. Имињата на фотографите се загубени, а да не зборуваме за теоретско осмислување на ова проблематика. На пример, сите браќата Манаки ги препознаваат по нивната филмска дејност, а тие се одлични фотографи. Исто така, имаме и други големи имиња, како Зафир Ошавков од Битола, Мирослав Бељан од Охрид , Благоја и Јонче Поп-Стефанија, Христо Димкароски, Евстатија Јолевски од Лазарополе, кои се препуштени на заборавот. Постојат и други фотографи, кои допрва треба да ги истражуваме.
Фотографии од нашата колекција неколкупати се изложувани во Скопје, Прилеп, па и во галеријата на Европскиот парламент во Брисел, во галеријата „Арт Поинт“ во Виена, во Нирнберг, во Пловдив, Белград, Нови Сад, итн. Колекцијата, покрај фотографии, брои и 20.000 негативи или стаклени плочи. Сепак, не се сите со врвен квалитет, голем број од нив се студиска, портретна фотографија, но има и извонредни парчиња.
у Сведоци сме на зголемен број изложби на фотографии. Дали таквата продукција е индикатор за создавање критичка маса, која води кон подем на домашната фотографија, или само случајно совпаѓање на термините? - Фотографијата во сите области на нејзино користење, било да е рекламна или изложбена, зазема голем простор, и во светот и кај нас. Во Македонија, иако не е на светско ниво, во смисла на обемноста на продукцијата, сепак во последните години фотографијата полека си го добива заслуженото внимание. Тоа особено се случува со новинарската фотографија, кој е во подем и која јас многу ја ценам. Со појавата на приватните дневни весници и списанија, се појавија и голем број млади фотографи и фоторепортери, кои прават одлични фотографии и кои по квалитетот се еднакви со светските стандарди за новинарска фотографија.
Фактот што овие денови има многу изложби, е знак дека повеќе внимание се посветува на фотографијата, но не во смисла на некое смислено раздвижување, туку сосема случајно се совпаѓаат термините на фотографските настани.
у Забележливо е дека интересот за фотографијата се повеќе расте и многу млади луѓе го грабнуваат фотоапаратот и почнуваат да експериментираат. - Минатата година, кога го почнавме проектот „Душата на градот“ се пријави бројка на заинтересирани млади, која ги надмина нашите прогнози. Исто така, на интернет можат да се забележат многу сајтови на кои има фотографии направени од млади автори. И е одлично тоа што постои голем интерес за фотографијата. Но, тука се јавува и еден хендикеп, кога зборуваме на професионалноста. Во нашата земја нема катедра за фотографија на никоја високообразовна институција не се изучува фотографијата, освен во рамките на одредени предмети или како посебен предмет на факултетите за камера или дизајн, па така младите немаат каде соодветно да се едуцираат. Тие самостојно ја изучуваат фотографијата, нешто читаат, нешто не, сами чепкаат по интернет и така навлегуваат во некој маниризам. Во Србија, на пример, има четири катедри за фотографија, во Софија 15 години опстојува таква катедра.
у Каде е местото на фотографијата во постмодерниот ликовен свет, кој е комбинација на медиуми? - Фотографијата е специфичен медиум, и покрај нејзиното користење како документ, како фотографија - информација и како рекламна фотографија, таа се користи и во визуелните уметности. Всушност, на светско ниво, веќе подолго време фотографијата ја губи својата автономија, исто како што цртежот или сликарството ја имаат загубено својата автономија. Мислам дека луѓето повеќе не се интересираат за некоја класична сликарска изложба, освен кога се работи за некои историски, ретроспективни изложби. Ако го гледаме светското творештво, ќе видиме дека нема изложби на класични медиуми, се се тоа комбинирани состави, инсталации, кои во поголем дел користат фотографија. И во овие хибриди фотографијата го губи првичното значење и станува нешто сосема ново.