Шпанката запеа во Битола

Песната зборува за се што сакам да зборувам: за љубовта, страста, ѓаволштините, рече на отворањето Викторија Абрил, Шпанката која е позната и по работата на филмовите од Педро Алмодовар, откако ја испеа нејзината "Да те видиме"


Завчера во Битола се случи едно од поубавите отворања на фестивалот "Браќа Манаки". Најпријатното изненадување беше кога шпанската актерка Викторија Абрил се појави на сцената облечена во фустан со мотиви од традиционалните шпански одела, и со цветна "шапка" на главата, пеејќи ја нејзината песна "Да те видиме".
-Песната зборува за се што сакам да зборувам, за љубовта, страста, ѓаволштините, рече Абрил, Шпанката која е позната и по работата на филмовите од Педро Алмодовар.

Славната актерка воопшто не се однесуваше како ѕвезда. На сцената беше спонтана, извонредно темпераментна, па дури и правеше интересни фаци на коментарите од водителот, а пеејќи, се прошета и низ дел од публиката.

Од другите настани вечерта интересно беше и најавувањето на добитниците на наградите за животно дело, чии кратки видео претставувања од нивните филмови беа придружени со звуците на македонски тапани, и тоа во живо, како и двете изведби на хорот "Свети Наум" од Битола, а сето тоа пред импресивната сценографија од Вук Митевски.

Специјалната награда Златна камера 300, покрај на Абрил, беше доделена и на оскаровецот Ентони Дод Ментл, снимателот на филмот за отворање "Сиромашниот милионер", кој фестивалот го нарече еден од поголемите засолништа на кинематографијата.

Награда, пак, за животно дело, му се додели на претседателот на жирито, исто оскаровец, Питер Сушицки.
-Прекрасно се чувствувам тука. Ви благодарам од длабочината на моето срце, рече Сушицки, снимателот на филмови како "Марс напаѓа", "Војна на ѕвездите: Империјата го возвраќа ударот", "Судир", "Гол ручек"...

Инаку, во протоколарните говори, градоначалникот на Битола, Владимир Талевски беше видно задоволен што фестивалот повторно е во Битола, а директорката Лабина Митевска ги покани славните гости на сцена, велејќи "да ги осветлиме со рефлекторите, гласно да го извикнеме нивното име"

Фестивалот за отворен го прогласи министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, која и ја додели и наградата на Абрил.
Вчера претпладне актерката замина за селото Зрзе, во посета на нашиот познат манастир.

ТРКАЛЕЗНА МАСА
Дигиталното снимање е реалност, но 35 милиметри не е историја
Дигиталното снимање е реалност, но 35 милиметри не е историја, беше заклучокот од тркалезната маса која се одржа вчера во рамките на фестивалот "Браќа Манаки", "Иднината на киното/кинематографијата е дигитална".

Еден од учесниците, директорот на фотографија, Ентони Дот Ментл ("Сиромашниот милионер", "Догвил", "Прослава"...), објасни дека дигиталното снимање има свои мани и предности.
-Снимав сцена со Никол Кидман во "Догвил". Таа има убаво лице, сцената има убава позадина, но дигитално..., не беше тоа тоа. Кога ги гледав со партнерот низ камерата, не можев да почувствувам ништо, рече Ментл.
-Мислам дека многу работи, како природата, фокус на лице..., најдобро се отсликуваат на 35 милиметри, тврди Ментл.

Тој додаде и дека снимањето со дигитална камера има голема предност во периодот на пост продукција, како и дека "Сиромашниот милионер" делумно бил снимен со дигитална камера.
Другите двајца учесници, директорите на фотографија Дени Елсен и Јури Клименко, исто така беа во дел резервирани околу дигиталното снимање. Модератор на тркалезната маса беше Марион Доринг, директор на Европската филмска академија.

А од другите настани на фестивалот, денеска се очекува мастер класот на режисерот на "Кој тоа таму пее" и "Маратонците го трчаат почесниот круг", Слободан Шијан, а во 17 часот, пред Домот на културата концерт ќе имаат бендот Стринг Форсис.

Дејан ТРАЈКОСКИ, известувач од Битола
фото: Д. АНДОНОВСКИ