Александар Поповски добитник на наградата за најдобра режија на театарскиот фестивал „Стеријно позорје“ во Нови Сад

Скопје, 5 јуни (МИА) - Александар Поповски е добитник на наградата за најдобра режија, за претставата „Кандид или оптимизам“ на Југословенско драмско позориште од Белград, во рамките на 54-то издание на театарскиот фестивал „Стеријно позорје“ во Нови Сад, кој започна на 23 мај, а завршува вечерва со свечено доделување на фестивалските награди.

Покрај оваа награда, тимот кој работеше на претставата „Кандид или оптимизам“ е добитник на уште четири други Стеријни награди.

Гордана Ѓурѓевиќ-Димиќ ја освои наградата за актерско остварување, за улогата на Старицата и Дамата, Свен Јонке е добитник на наградата за најдобро сценографско решение, Лана Цвијановиќ ја освои наградата за најдобри костими, а Соња Вукиќевиќ е добитник на наградата за сценски движења.

Редакцијата на новосадскиот весник „Дневник“ му додели награда на актерот Срѓан Тимаров, за актерски остварувања во три претстави, меѓу кои и за улогите на Докторот, Какамбо и Сесил во претставата „Кандид или оптимизам“.

Покрај успехот кој на годинашното издание на „Стеријно позорје“ го постигна претставата „Кандид или оптимизам“ на Александар Поповски, големо признание за македонскиот театар претставува и освоената Стеријна награда за актерско остварување која ја доби Никола Ристановски, за улогата на Ахмед Нурудин во претставата „Дервиш и смрт“ на Меша Селимовиќ, во режија и адаптација на Егон Савин, а во продукција на Народно позориште од Белград.

За наградите доделени на 54-то издание на „Стеријно позорје“ одлучуваше интернационално жири, во состав: претседател - Мирјана Карановиќ, актерка од Белград, Србија, и членовите - Иво Брешан, книжевник од Шибеник, Хрватска, Мето Јовановски, актер од Скопје, Македонија, Борис Ковач, композитор и Ласло Вегел, книжевник, двајцата од Нови Сад, Србија. За наградите конкурираа 16 претстави од театрите низ Србија. дма/12:57