3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Годинава фестивалот ќе трага по одговор на прашањето „Што сега?“, а се очекува селектираната филмска програма да понуди широк спектар на одговори.

Симболичниот поздрав на екипата на МакеДокс со високо крената главица кромид во рацете го означи почетокот на филмската програма на 12. издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

„И дури копнееме да видиме како се разлистуваат крошните другде, неминовно се прашуваме накаде одиме – секој одделно и сите заедно. Но, прво мора да се сетиме каде бевме – и да им се навратиме на корените за да се потсетиме што ни даде сила да стигнеме дотаму“, загатнува екипата на МакеДокс на почетокот на фестивалот, а првиот чекор што го презема беше враќањето во своето фестивалско гнездо – Куршумли ан во Старата скопска чаршија.

На првата вечер беа прикажани краткиот документарен филм „Џукели“ (Канада, 2019, 18 мин.) на Халима Уардири и документарниот филм „Луѓето од гаражите“ (Германија, 2020, 93 мин.) на сценаристката и режисерка Наталија Јефимкина, која е гостинка на фестивалот. Публиката со особено внимание го проследи и разговорот со Јефимкина по проекцијата на филмот, а беа поставувани и
прашања околу продукцијата на филмот.

Иако документарецот е реализиран во германска продукција, сепак станува збор за руски филм – одговори режисерката пред љубопитната публика и објасни дека од првичната идеја до финалната верзија изминале четири години работа, најмногу во однос на собирањето на финансии за продукцијата. Филмот ги следи животните патишта на луѓе што работат или живеат во гаражи кои ги има околу сите поголеми руски градови.

Музички колорит на првата вечер на 12. МакеДокс даде настапот на Добрила и Дориан Дуо во рамките на сегментот „МакеДокс: Ноќни приказни“. Од втората вечер и во текот на викендот во функција ќе бидат ставени сите четири фестивалски локации. Во Музејот на современата уметност ќе се одвива програмата за деца и младинци. Во Куршумли-ан на 20 август ќе биде отворена програмата на земјата во фокус – Украина. Филмовите од Главната програма Нови автори, Кратки документарци и Студентската програма ќе се прикажуваат на филмските платна во Куршумли-ан, Плато пред Куршумли-ан (Музеј на РСМ) и во МКЦ Парк.

https://novatv.mk/pochna-12-toto-izdanie-na-makedoks/