На платото пред Куршумли-ан (Музеј на Македонија), исполнето до последно место со донесени дополнителни столици за седење, на 22 август се одржа премиерната проекција на македонскиот документарен филм „Планински кавијар“ на авторот Јордан Дуков во продукција на Телевизија Телма.

Документарниот филм „Планински кавијар“ (Blueberry Hill, 63 мин., 2017, Македонија) ја раскажува приказната за гевгеличанецот Миле, кој не сака да најде постојана работа во градот и некој „шеф“ постојано да му „виси“ над главата, туку одлучил секое лето, на надморска висина од над 2.000 метри на југот на Македонија, да собира боровинки, или како што таму ги нарекуваат „планински кавијар“. Така, неговата канцеларија го има најубавиот поглед во светот, а тој успева со два месеци работа во планината доволно да заработи за пристоен живот.

- Никој не те тера да работиш, но ако сакаш да заработиш, тогаш самиот си свесен дека треба да работиш - вели главниот лик Миле во филмот.

Авторот Јордан Дуков имал две главни цели во снимањето на документарниот филм. Првата е да го прикаже собирачот на боровинки Миле таков – каков што е, и втората – да го прикаже аскетскиот живот на собирачите на боровинки високо во планината. Идејата за снимање на филмот тлеела повеќе години, а со главниот протагонист се знаеле долго време. Филмот е снимен како телевизиска продукција. Снимател е Јане Марковски, а монтажата е на Снежана Младеновска – Анѓелков. По проекцијата на филмот, публиката на „МакеДокс“ имаше можност да дегустира боровинки собрани од главниот протагонист Миле.

Во рамките на програмата на осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ од 21 до 25 август во Даут-пашиниот амам се одвива работилницата за визуелна нарација „Една слика, илјада зборови“. Првите два дена работилницата ја водеше продуцентката Кристина Первила Андерсон, додека на 23, 24 и 25 август работата со учесниците на работилницата ја презеде Туе Стин Милер, светски експерт за документарен филм.

Меѓу поканетите филмски работници и документаристи, на 22 август со Кристина Первила Андерсон разговараше снимателот Бранд Ферро, кој ги претстави своите искуства од работата на филмовите „Бабички на револуцијата“ на режисерката Петра Селишкар, „Оган и вода“ на Киро Урдин, како и серијалот „Турски чај“.

На предавањето со Туе Стин Милер на 23 август беа поканети филмаџиите Одриус Стонус и Саломе Јаши. На 24 август гости на предавањето се Пјотр Стасик и Мирослав Јанек, додека на 25 август на предавањето со Кристина Первила Андерсон и Туе Стин Милер ќе учествуваат повеќе фестивалски гости.


Во рамките на „МакеДокс“ на 23 август, во црквата „Св. Спас“ (Сала на музејска поставка на Гоце Делчев) во Скопје, се одржа презентација на потпрограмите Култура и МЕДИА на „Креативна Европа“. Учесници на презентацијата беа Павлина Каландрова од Канцеларија на Креативна Европа (МЕДИА) на Република Чешка; Владимир Стојчевски и Билјана Прентоска од Канцелариите на „Креативна Европа“ (МЕДИА и Култура) на Република Македонија; и претставници на фестивалот „МакеДокс“. Фестивалот „МакеДокс“ втора година по ред добива поддршка од потпрограмата МЕДИА на „Креативна Европа“.

Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, МЕДИА - потпрограма на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон и Град Скопје.
Медиумски покровители на „МакеДокс“ се Првиот програмски сервис на МТВ, Телевизија 24, Нова Македонија, Слободен печат, Радио Антена 5, Радио Бубамара, Канал 103, ЏезФМ, Радио МОФ, Лајф Радио, Плус Инфо, Окно, Нова ТВ веб, А1ОН, Плагиј.ат, Е-магазин, Репер, Лице в лице, Его, Калимеро, Бла Бла ТВ, Пиреј.мк, РеБорн, Види Вака, ОФФ.нет и МКД.мк.

Активностите на „МакеДокс“ можете да ги следите на сајтот на МакеДокс, како и на:

www.fb.com/MakeDox.mk
www.instagram.com/MakeDox
www.twitter.com/MakeDox
www.youtube.com/MakeDox1

 

Извор: http://plusinfo.mk/vest/124076/dokumentarniot-film-planinski-kavijar-premierno-beshe-prikazan-na-makedoks