Технолошкиот развој овозможи многу бенефиции во однос на квалитетот на современото живеење. Не би можеле да замислиме живот без струја, апарати во домаќинството, телевизија, радио, компјутери, Интернет, но и без комуникација преку мобилната телефонија. Зад нас е времето кога пишувавме разгледници, писма, кога чекавме во редови пред поштенските телефони за да се јавиме дома некаде од светот. Но како и секоја нова технологија така и мобилната не е без ризик. Многуте регистрирани странични ефекти од употребата на овие мали и полезни алатки, а особено влијанието на нивните базни станици врз здравјето на живите организми наложија поопсежни научни студии во оваа насока.
Веќе трета година тече научен проект за влијанието на електромагнетните бранови врз здравјето, во кој се вклучени десетина земји од старата Европа, а кој е финансиран од Брисел. Како учесник на овој меѓународен проект, чувствувам обврска да укажам на некои досегашни откритија битни за здравјето на луѓето, особено за децата.

Документирани се ефектите од влијанието на базните станици врз животните: смалена млечност на кравите, спонтани абортуси и мртвородени животни, хромозомски оштетувања, смалување на популацијата на пчели или птици во нивната околина итн. Од друга страна, постои сигурна евиденција за појава на леукемија, лимфоми или друг вид карциноми кај луѓе што долго живеат во близината на базни станици. Најголем аларм за штетното влијание на мобилните телефони даде епидемиолошката студија на Каролинската болница во Стокхолм, која укажа на појава на тумори во главата на онаа страна на која се допира мобилниот телефон. Следните големи епидемиолошки студии главно од северните (најмногу развиени) земји укажаа дека е огромен процентот на хиперсензитивни реакции од користењето на мобилните телефони. Такви се растројство на сонот, смалување на концентрацијата и вниманието, главоболки, чувство на зуење во главата, нелагодност итн.

Нашиот тим направи едно опсежно истражување за користењето на мобилните телефони кај младите (школски деца и адолесценти) и појавата на вакви хиперсензитивни реакции. Резултатите покажаа дека 96,26 отсто од нашите деца во средните училишта користат мобилен телефон. Најчести апарати што се користат се од фирмите „Сони Ериксон“, „Нокиа“, „Самсунг“ и „Моторола“. Видот на телефонот е важен поради разликите во степенот на зрачењето. Од друга страна, 85 отсто од децата го користеле мобилниот во времетраење над три години. Притоа, над 50 отсто деца го користат телефонот најмалку 10 пати на ден, а должината на користењето е над 10 минути. И кај македонските деца во огромен процент се регистрирани хиперсензитивни реакции поврзани со мобилните телефони како: појава на главоболки, растројство на сонот, црвенило на лицето, смалување на концентрацијата, смалено помнење.
Понатамошните истражувања покажаа дека мобилните телефони емитуваат електромагнетни фреквенции слични како оние што се присутни во нормалното ЕЕГ кај луѓето, при што е можна интерференција, а со тоа сигурни ефекти врз функционирањето на централниот нервен систем. Долгогодишниот ангажман со квантитативно ЕЕГ-мерење кај деца со разни растројства ни дава за право да претпоставиме дека влијанието на мобилните телефони значи промена на нормалната мозочна активност. Заради овие, но и многу други сознанија од студиите посветени на оваа проблематика, Светската здравствена организација постави задача да се испитаат штетните влијанија на мобилните телефони, особено кај младата популација - децата.

Како основни препораки за намалување на ризиците од користењето на мобилните телефони, а кои произлегоа од студиите се следните:

-Изберете телефон со минимални вредности на зрачење (тие се означени во сертификатите за телефонот);
- Телефонот држете го на дистанца од главата (да се користат говорни слушалки, блутут, сетови за глава);
- За долги разговори користете фиксни, а не мобилни телефони;

- Мобилниот телефон носете го во ташна, а не во близина на телото, особено ако сте во движење (во сообраќај). Ова особено важи за машките деца кај кои носењето мобилни во џебовите на панталоните предизвикува смалување на квалитетот на сперматогенезата;

- Кога сте во автомобил, активирајте го спикерот, или користете мобилен телефон со екстерна антена;
- Кога чекате врска, не држете го телефонот близу до главата;

- Не го користете телефонот кога врската е слаба (не во лифт, во тунел и сл.);

- Користете СМС наместо да зборувате;

- Разговорите да ви бидат што пократки (да не зборувате со саати);

- Ако сте користеле телефон подолго време, тогаш треба да имате пауза барем два часа до следното зборување.

Сите овие упатства дискретно потврдуваат дека мобилните телефони не се без ризик по здравјето, меѓутоа индустријата е толку моќна што научниците не се во состојба да ја забранат нивната употреба.
Особено е битно сознанието дека овие ризици стануваат уште поголеми кога корисниците се под стрес, зашто настанува синергизам на влијанието на стресот и влијанието на самите телефони врз функциите на човечките системи/органи, па можноста да се развие психосоматска болест е многу поголема.
Живеењето под стрес (а таков е главно современиот стил на сите вработени) ја мултиплицира штетноста на оваа технолошка алатка.

Фактот што децата се во процес на растење, нивниот череп е потенок, а множењето на ќелиите е многу побрзо отколку кај возрасните, налага сите предострожности да се направат за неколкупати повеќе, кога мобилни телефони користат деца. Заради тоа, пред неколку години во САД се забрани продажба на мобилни телефони со слики на Дизниевите јунаци, со што привлечноста кај децата драстично се намали.

Авторката е универзитетски професор и дипломиран психолог
  
   
Автор: Проф. д-р Нада Поп-Јорданова 

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=11911945178&id=13&prilog=0&setIzdanie=22426