TViTer210
·
Еден ден, пред многу години, кога сеуште бев новајлија во Лондон, бев викната на некаква аудиција. Ама баш од нигде-никаде ми заѕвони мобилниот телефон кој тазе ми беше купен, прв во животот. Го купив од потреба, зашто веќе немав фиксен, зашто немав фиксно место на живеење. Ми беше кажано дека им треба вокал за неколку сцени за некаков филм со библиска тематика. Толку. Претходно имав искуство со повеќе филмови, документарни претежно, па отидов сосема ноншалантно. Бев сама, немаше други пејачи. Пробните снимки поминаа добро, си мислев. “Ќе ти се јавиме, ако ни требаш за понатаму”, ми рекоа. Чекав месец, два, ништо. Заборавив на тоа, не сум поминала на пробното, нема врска. Некаде по месеци прочитав дека Мел Гибсон снима филм за Христовото Страдање. Воопшто не поврзав. Воопшто.

По една година, цела, ми се јавија пак да одам за снимање. Боже, си викам, па и јас сум “турни ме да кинисам” кога работам ама овие, што правеа цела година. Цела година никаков абер и сега - ајде! Хм...И така, влегувам јас во студио и внатре кој друг - Мел Гибсон 😊 Ахаа, за тој филм…! Тој цела година да ти се борел да најде финансиер за својот проект, за на крај, кога не успеал, да одлучи да си го финансира филмот “од свој џеб”.

Филмот до денес заработи близу милијарда долари, а никој сериозно не сакаше да го финансира неговото остварување. Ете што се случува кога во нешто силно веруваш.

           И знаете што - секогаш кога го гледам, плачам за страданијата Исусови како прв пат да го гледам. Наивно и како дете. И не само за Исусовите туку за страданијата човечки воопшто. За она што човекот го има како потенцијал како Божјо чедо, а кое му е одземено, љубовта претепана, крилјата отсечени, она што има да го даде од себе за да го спаси светот - исмејано. Божјото чедо со љубов божествена и надмоќна - доведено до ништожност и страдање. Филмов секојпат ми буди река од солзи, ете, и вечерва кога барав клип за да го закачам си се исплакав. Од тука знам со каква пасија и силна љубов кон Богочовекот е направен овој филм и се радувам што сум дел од него. Христос Воскресе, смртта ја победи!

 


Ви го препорачувам за слушање целиот саундтрак (комп. Џон Дебни)


PASSION OF THE CHRIST The Agony High Quality 20111

 

фб профил на Tanja Xena Tzarovska

24.04.2022 лето Господово