Aleksandar.N.sv.Haralampij

Наташа Кузман е родена во Битола, а живее и работи во Лондон, Велика Британија. Таа е глобално бизнис ориентирана кога станува збор за дата наука, поддршка и ИТ услуги на бизниси од различни индустрии. Нејзината компaнија Innovio Web Consulting (IWC) оформена пред 10 години во Лондон и базирана во Лондон, работи за компании како што се Herz, Daily Mail, British Airways, Pandora…Нејзиниот тим е раширен од Велика Британија до Индија, а за неа работат млади талентирани графички дизајнери и ИТ експерти на проекти кои таа успешно ги води.

Наташа е магистер по софтвер технологии и комуникациско инженерство, а од неодамна се стекна и со дополнителна диплома која ја става на листата на маркетинг директори, добиена на еден од најпрестижните институти за маркетинг CIM – The Chartered Institute of Marketing London. Нејзината посета на Битола, ја искористивме за ова интервју, во кое таа зборува за она што го работат водечките компании низ светот на полето на дигитален маркетинг, но и за нејзината желба да се поврзе и да соработува со македонски компании.

Интервју на Љубица Ангелкова

Наташа, за почеток раскажи ни како започна твојата бизнис приказна во Лондон?

По завршувањето на студиите, со мојот сопруг заминавме за Лондон, каде што и денес живеам и работам, иако за себеси сакам да кажам дека сум граѓанин на светот. Сепак базата ни е во Лондон. Битола ја сакам премногу и навистина често доаѓам. Моето 10-годишно искуство го стекнав работејќи со дигитални медиуми, имплементирање на маркетинг стратегиии, комуникација и управување со повеќе од 350 брендови. Водам своја дигитална ИТ компанија, Innovio Web Consulting (IWC) оформена и базирана во Лондон, која веќе 10 години успешно се занимава со поддршка и ИТ услуги на бизниси од различни индустрии. Денес, имаме посветени дигитални експерти кои го комбинираат своето искуство за да обезбедат ефективни решенија за маркетинг, вклучително и дизајнирање, изработка и одржување на веб-страници, изработка на мобилни апликации, платено пребарување, оптимизација и дата наука.

Кој главниот фокус на кој работите во компанијата?

Во фокус ни се напредните решенија како што се вештачка интелегенција (AI), машинското учење (ML, Machine Learning) и робусни аналитички алатки кои овозможуваат не само да се обработуваат и проучуваат масовните бази на податоци и информации, но во исто време со голема брзини и ефикасност се преведуваат и поедноставуваат информациите за една организација или компанија. Сервисираме долга листа на клиенти и ова е нашата специјалност, покрај сите пратечки активности кои ги работиме за нив и за нивните потреби од областа на дигиталниот маркетинг.

На пример, со наша помош може да се укажат недостатоците и предностите на една компанија независно од секторот и дејноста во кои што се занимава.

Преку науката за податоци може да се пренесат детали за однесувањето на клиентите после одредена маркетиншка кампања, пораст на потрошувачката, промовирање на продуктот и за градење на поценети и поуспешни онлајн и визуелни кампањи. Во нашиот тим е и Рој Виваси, еден од експертите од оваа област и еден од партнерите во бизнисот кој заедно со тим од програмери, кои се обучени за работа со програмски јазици за анализа на големи бази на податоци, работи на големи проекти.

Преку овој начин на програмирање ние им овозможуваме на нашите клиенти да ги користат нивните податоци за да управуваат со донесување одлуки, идни бизнис решенија, иновации и да одат напред со сите нови светски трендови што се имплементираат во маркетингот.

Како успеавте да стигнете до големите клиенти за кои работите?

Учествував на конкурс кој ми даде шанса да работам на рекламна кампања за Hertz, компанијата за рентање на возила. Тоа беше креатива за тенскиот турнир во Вимблдон. Таа ме лансира потоа до позиција менаџер на креативниот тим Daily Mail и во Loot, каде што предводев тим од 10 дизајнери и програмери. Наша одговорност и работа беше имплементирање на водечка насока за креативниот тим на дизајнери, распределување на задачи и решавање на проблематика поврзана со автоматизацијата на програмското рекламирање на онлајн изданијата. Еден од најзначајните имплементирани проект за Metro Online, кој е advertising home на групацијата Daily Mail, беше замена на статични рекламни банери со видео и HTML5, но исто така брендирање и дизајнирање на веб страницата за YOU списанието и водење на дигитални маркетинг кампањи.

Уживав и во една интересна соработка на FOX movies за францускиот пазар. Работев на маркетинг кампања за филмот Life of Pi, од креатива до affiliate маркетинг.

Што научи од големите клиенти и зошто се реши фокусот да го ставиш на малите и средни бизниси?

Искуството кое го стекнав и запознавањето на проблематиката со која се соочуваат големите брендови, решив дека е добро да го искористам за да им помогнам на малите и средни бизниси. Прва компанија, после големите, на која се посветив беше една од најстарите лондонски компании за недвижности и изнајмување на станови. Направивме комплетно ребрендирање, креирање на дигитални материјали, управување со маркетинг буџет и развивање на маркетинг стратегија за издигање на визијата за брендот и зголемување на процентот на продажби на повеќе од 250% на становите во Лондон. Тоа е проект на кој сум особено горда, заради тоа што таа компанија работеше мошне традиционално, а вклучувањето на мојата компанија значеше дигитална модернизација која им донесе неверојатен профит и покрај тоа што со години беа на врвот во својата бранша.

Дали и колку се гледате на македонскиот пазар?

Во мојот тим има неколку Македонци. Светот на дигиталниот маркетинг постојано се менува и нашата соработка со потенцијални комапнии во Македонија ја гледам како убав предизвик. Токму заради моите познавања на нашиот локален пазар, сметам дека со мојот тим можам да сработам успешни проекти по терк на најновите, светски маркетинг стандарди.

Aleksandar.N.sv.Haralampij

Една од клучните цели на современиот дигитален маркетинг е да се подигне свеста за еден бренд кај потрошувачите. Сега зборуваме за наука и пракса, водена од новите технологии. Како всушност се поврзуваат овие две работи?

Зголемувањето на свеста за брендот е во фокусот на стратегијата за дигитален маркетинг од повеќе причини:

    Може да доведе до раст на продажбата и обртот на една компанија
    Улогата на дигиталната интеракција во однесувањето на клиентот
    Употребата, практичноста и влијанието на социјалните медиуми и мрежи

Дигиталниот маркетинг е компонентата што го менува начинот преку кои бизнисите ја користат технологијата за промоција на нивните услуги. Дигиталните платформи сè повеќе се инкорпорираат во плановите за маркетинг и секојдневниот живот, додека луѓето сè повеќе користат дигитални уреди наместо да посетуваат физички продавници. Со ковид кризата, тој тренд уште повеќе се засили.

Дигиталните маркетинг кампањи станаа повеќе од потреба. Користејќи ги методите на комбинации на оптимизација на пребарувачи (SEO), маркетинг на пребарувачи (SEM), маркетинг со инфлуенсери, автоматизација на содржини, кампањи, маркетинг управуван од податоци и анализи, маркетинг преку социјални медиуми, директен маркетинг по е-пошта и дигитално рекламирање. Сите овие услуги станаа неминовна задолжителна алатка во модерниот свет за промовирање и реклама на бизнисите и на нивните услуги.

Преку нашите услуги и технологијата што ја имплементираме ни овозможува за нашите клиенти да таргетираме публика со специфични клучни зборови или фрази и да обезбедиме подобри резултати за рекламите кога ќе се појавуваат на пребарувачите.

Според вашето искуство, кои ќе бидат најважните предизвици за маректингот во следните неколку години?

Гледам три најважни предизвици со кои се соочува секоја мудра комапнија. Прв и клучен предизвик е дефинитивно образованието и вработувањето на обучени личности. Без врвен кадар, не може ниту една компанија да води добар маркетинг. Дали како надворешни експерти или како постојано вработени, мора да се опкружите со врвни професионалци. Никакви алатки, процеси, аналитика и производи не можат да го надополнат тој недостаток.

Вториот предизвик е развојот на дигитализацијата на секое поле. Ковид пандемијата се јави како катализатор кој верувајте, допрва ќе ги поттикне уште поголемите промени. Еден вид на револуција, во која се преминува онлајн.

Третиот предизвик е користење на маркетинг алатки и аналитика. Маркетингот е далеку од само праќање на некакви порки во светот. Во ова дигитално опкружување, сите маркетинг активности можат едноставно и прецизно да се мерат и на тој начин ни овозможуваат носење на одлуки врз база на податоци, а не врз база на чувства и преференции.

 Aleksandar.N.sv.Haralampij

Aleksandar.N.sv.Haralampij

 Aleksandar.N.sv.Haralampij

Извор:

https://inovativnost.mk/2021/03/21/%d0%b1%d0%b8%d1%82%d0%be%d0%bb%d1%87%d0%b0%d0%bd%d0%ba%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d0%bd%d0%b0%d1%82%d0%b0%d1%88%d0%b0-%d0%ba%d1%83%d0%b7%d0%bc%d0%b0%d0%bd-%d1%81%d0%be-%d1%81%d0%b2%d0%be%d1%98%d0%b0%d1%82-2/