strategija_za_kultura_2

 Во Стратегијата за развој на културата за периодот 2013-2017 година беа предвидени 6 значајни стимулативни мерки во областа на издаваштвото, ликовната, музичката и драмската дејност ...

-Во согласност со Акцискиот план на Стратегијата за развој на културата, во 2014 година се што беше обврска на Министерството за култура е реализирано, започнати се сите планирани проекти, а голем дел од нив се веќе завршени и промовирани пред јавноста. Сметам дека овие проекти го унапредија остварувањето на културата во нашата држава, го стимулираа креативниот уметнички потенцијал и имаа големо влијание врз едукацијата на граѓаните во областа на културата и уметноста - рече на денешната прес-конференција министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, давајќи отчет за досега реализираните активности од стратегискиот документ, што Собранието го донесе во 2013 година. Таа појасни дека Стратегијата за развој на културата со реализираните активности оваа година, но и со сите оние проекти што следуваат во наредниот период, дефинитивно ќе придонесе за едно развојно поместување на културата во нашата држава.

Во Стратегијата за развој на културата за периодот 2013-2017 година беа предвидени 6 значајни стимулативни мерки во областа на издаваштвото, ликовната, музичката и драмската дејност.

- Ќе го спомнам исклучително значајниот Конкурс за финансирање преводи на дела од македонската литература на другите јазици, кој предизвика огромен интерес кај странските издавачки куќи - рече Канческа-Милевска. Таа потсети дека беше објавен и Конкурс за откуп на самостојно реализирани публикации во печатена и во електронска форма, првпат издадени во Република Македонија во 2013 и 2014 година, при што во текот на 2013 година беа откупени над 7000 примероци на реализираните публикации. Канческа-Милевска нагласи дека голем интерес предизвика и откупот на уметнички дела од областа на ликовната дејност, кои ќе го збогатат националниот фонд на нашите институции, при што потенцираше дека вториот Конкурс за откуп на уметнички дела за 2015 година веќе е во тек.

strategija_za_kultura_1

Во музичко-сценската дејност беше спроведен Конкурсот за откуп на музички композиции од областа на класичната музика, а со реализацијата на овој проект е обезбедена поголема продукција на домашното творештво и негова континуирана застапеност во програмите на националните и на другите релевантни институции во државава. Вториот конкурс за откуп на дела од поголеми формати завршува на 15 ноември, а резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на 15 декември. Министерката за култура укажа и на поддршката што е обезбедена за стимулација на домашната забавна и народна музика, а потсети дека беше објавен и Конкурс за откуп на драмски текстови на македонски автори.

Од областа на музејската дејност, Канческа-Милевска потсети дека од оваа година Министерството заедно со 16-те национални установи од областа на музејската дејност ја започна реализацијата на повеќегодишниот проект за воспоставување постојани поставки во националните музеи од сите области.

-Го започнавме и проектот за осовременување на депоата на музеите во Македонија. Оваа година беше донесена и Програма за негување и популаризација на духовното културно наследство за периодот од 2014 до 2017 година - рече Канческа-Милевска.

strategija_za_kultura_3

Министерството за култура годинава, во согласност со предвидената динамика, продолжи и со набавка на нова дигитална опрема за киноприкажување во центрите и во домовите на културата. Досега се опремени 20 домови и центри за култура со кинопроектори, а во наредниот период уште 14 домови и центри за култура ќе бидат опремени со кинопроектори, проекциони платна и друга аудио и видеоопрема. Исто така, во изминатиот период беше дигитализирано и реставриранo целокупното филмско творештво на браќата Манаки, филмскиот опус на Столе Попов и документарниот филм „Македонија во слики – 1923“ на Арсени Јовков. Во декември годинава е предвидено да заврши дигитализацијата на творештвото на македонските реномирани автори Љубиша Георгиевски и Милчо Манчевски.

Канческа-Милевска нагласи дека е изготвен елаборат за дополнување на Правописот на македонскиот стандарден литературен јазик, што ќе се реализира од страна на Институтот за македонски јазик, а проектот ќе биде завршен до септември идната година. Со поддршка од Министерството за култура, реализирани се повеќе акции за поттикнување на читањето, особено кај младата популација.

- За реализација на проектите кои се дел од програмите од национален интерес и кои имаат едукативна и воспитна функција, Министерството за култура двојно ги зголеми средствата и во периодот 2013-2014 година беа поддржани околу 280 програми за деца и млади. Министерството за култура поддржа повеќе проекти наменети за збогатување на културната понуда за лицата со посебни потреби. Наскоро во сите институции од областа на културата ќе бидат поставени пристапни рампи за лицата со посебни потреби, а е обезбеден и попуст од 50 отсто за купување билети за настаните што се случуваат во националните институции од областа на културата - рече Канческа-Милевска. Таа посочи дека интензивно се работи на Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на културното наследство со кој ќе се изврши усогласување со современите стандарди за заштита на културното наследство, а ќе се овозможи одржливо користење на културното наследство, негова функционалност и намена...Во контекст на меѓународната дејност, Канческа-Милевска истакна дека Министерството за култура ја изработи и Стратегијата за меѓународна соработка и презентација која наскоро треба да биде предмет на јавна расправа.

Меѓу другите активности предвидени во Стратегијата за развој на културата кои ќе се реализираат до крајот на годинава, се отворањето на Центарот за едукација како посебна организациска единица во рамките на Музејот на Македонија, основањето на Центарот за книга како посебна организациска единица во рамките на Министерството за култура, создавањето техничка филмска база во рамките на НУ Вардар филм Македонија, како и почнувањето на постапката за изградба на филмски студија, а во тек се активности за подготовка на нов колективен договор за културата.

Извор: Министерство за култура на РМ

30.10.2014 год.