Пред три години, како двоброј за март и април, беше испечатено првото издание од весникот на Македонското друштво ``Илинден``-Тирана. Имајќи го предвид фактот што во изминативе три години, весникот предизвика голем интерес кај читателската публика во Република Албанија и сред Mакедонската дијаспора ширум светот. Според бројната дописка, која пристигнува на електронската пошта на Редакцијата на Македонски весник ”Илинден”, како и од другите преписки со читателите, забележително е дека во тригодишниот период весникот прерасна во медиум кој со сериозноста и пристапот во објавувањето на темите, е интересен и корисен за Mакедонското национално малцинство во Република Албанија. Во дел од дописите се истакнува и тоа дека читателите искажуваат особена почит кон Редакцијата, која на најдобар можен начин одбра да ја промовира македонштината во овие бурни времиња, преку пишаниот збор. Нивната мисија да го одржуваат и поттикнуваат македонскиот идентитет во Република Албанија, преку културен израз целосно ја остваруваат. Сакаме да веруваме дека ваквата активност ќе биде соодветно поддржана од државните институции  во Република Албанија така и во Република Македонија, но и од Македонците ширум светот. По повод тригодишниот јубилеј на Македонски весник “Илинден”-Тирана, Редакцијата има чест да ги поздрави и да им се заблагодари на сите свои соработници, кои несебично помогнаа во конципирање на тематската и визуелната содржина на весникот. Воедно, Редакцијата се заблагодарува и на читателската публика, која со покажаниот интерес кон содржините што ги понуди весникот, покажа дека тој навистина ја допре сржта на Македонските  проблем во Република Албанија.

                                                                                                                      Со почит                                                                                                      

Македонско друштво “Илинден”-Тирана

Преседател Никола Ѓурѓај