Одбележување на 5 декември-Светскиот ден на волонтерството

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, денес по повод Меѓународниот ден на волонтерството се обрати на настанот организиран од Црвениот Крст на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика.


 

 “Волонтерите создаваат “бесценета” вредност бидејќи поседуваат знаење и вештини корисни за заедницата. Секој волонтер го краси квалитет збогатен со хуманата димензија на добрата волја и алтруизмот. Преку нивната работа придонесуваат за зголемување на вклученоста на граѓаните во општествениот развој, во разрешување на најразличните проблеми и потреби на луѓето во нивната средина.

Волонтирањето, исто така има и економски потенцијал. Затоа, државите тежнеат кон развивање на волонтерството. И Република Македонија е една од нив и во таа насока во 2007 година го донесовме Законот за волонтерство, а во 2010 година и Стратегијата за промовирање и развој на волонтерството (2010-2015), како и акциски план за нејзино спроведување 'рече Спасов

“Законот за волонтерство го дефинира поимот ,,волонтер,, којшто е физичко лице кое дава услуги,  вештини и знаења во корист на други лица, органи, организации и други институции,  на доброволна основа и без финасиска или друга лична добивка. Исто така, ги уредува и прашањата во врска со условите и начинот на вршење на волонтерството, правата и обврските на волонтерите и организаторот на волонтерството, договорот за волонтерството и евиденцијата на волонтерската работа ,“ посочи Спасов.

Досега со примената на Законот се ангажирани  вкупно 6490 волонтери во различни области и гранки и во различен временски период во зависност од искажаниот интерес и потреби кај конкретните деловни субјекти.

Во Стратегијата за промовирање и развој на волонтерството (2010-2015) се утврдени стратешките цели:

-промовирање на волонтерството кај пошироката јавност;
-поттикнување на културата на волонтирањето во рамките на образовниот систем;
-зголемување на нивото на волонтирање во граѓанскиот сектор и
-воспоставување на систем на институционална поддршка на волонтерството.

Со цел поуспешно планирање и спроведување на целите и мерките предвидени во Стратегијата, Владата на Република Македонија формираше мулти секторски Национален совет за развој на волонтерството составен од девет члена номинирани од: Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование, Агенцијата за млади и спорт, Генералниот секретаријат на Владата на РМ/Одделение за соработка со невладини организации, ЗЕЛС и 4 претставници од граѓанските организации. Ваквиот состав на Националниот совет за развој на волонтерството говори дека во Македонија, како вредност која придонесува за создавање на промени  во општеството, волонтерството е поддржано и од владиниот и од невладиниот сектор.

“Денеска на Светскиот ден на волонтерството, по вторпат ги доделуваме Националните награди за волонтерство сакајќи да дадеме поттик на развојот на волонтерството на еден поинаков начин, а не само преку донесување на документи и закони!

Целта на наградата е да го промовира волонтерството кај пошироката јавност, да се зголеми видливоста на волонтерите  и позитивните  волонтерски практики и да инспирира кон натамошно унапредување и развој на волонтерството”, заврши Спасов.

Извор:

 http://www.mtsp.gov.mk/?ItemID=24C6FDB3E01FA24F830123181EED0022