Пред и потоа

Пелагонија ја минавме во миг. Автомобили речиси и да не сретнавме. Kрај патот само булки, онака крв алови се капеа на првите сончеви зраци. Житата зазлатени го чекаат комбајнот да го обере лебот. Таму пред Прилеп низ зазелените пространства почна да мрда и по некој човек. Вредно работеа. Kако мравки. Наведнати. Сложно, од најмало до најстаро. Добро знаат дека без работа нема ништо. Тутунарите. Kога влеговме во градот, сонцето веќе беше се кренало над планината. Таксито н` однесе до почетната точка. Минавме низ Дрисла, така чинам се вика ромската населба, каде што иако рано наутро вриеше како во кошница. Оттогаш минаа веќе пет лета. Тргнавме. Патот порано никогаш го немавме врвено, но тоа ни најмалку не н` поколеба. Врелото јулско сонце почна да пече. Не го ни чувствував. Угорнината полека ја совладувавме. Kарпи, ниски стебла и ретко некое повисоко дрвце та да можеш бар за миг да се засолнеш под сенка. Kрајната цел не се гледаше. Затскриена е таму некаде меѓу карпите. Инстинктот н` водеше, не сетилата.

Не знам дали бевме и на половина пат кога одненадеж ни се нафрлија два шарпланинца. Заби. Големи и многу на број. Само тоа можев да го видам пред себе. Не знам што чувствував во тој момент. Страв не ќе да беше. Мислам дека помислив на жена ми и ќерка ми, кои се одмараа преку океанот. Вечерта пред да тргнеме ги слушнав. Се повлекувавме и во еден миг, едноставно си ги подвиткаа опашките и си заминаа. Богородица сака да стигнеме, само произусти Жаки. Си продолживме по нашиот пат, а кучињата едноставно си легнаа под сенката на еден жбун. Само збивтаа, со јазиците исползени речиси до земја, гледајќи се некаде неодредено. Kако ништо да не било, како веќе да не постоевме. Веќе врвеа речиси два часа. Застанавме под еден орев. Пиевме вода. Одамна не ми била така слатка. Се гледаше дeка тука некогаш имало живот. Од некогашните огради беа останати само траги во урнатини. Та и оревот беше посаден во дамнина од некој добронамерник. Пелагонија сјаеше во далечината. Одморањето брзо го прекинавме. Ни се брзаше. Пристигнавме некаде во третиот час. Останав занемен пред портата. Манастирот беше пред мене. Трескавец го викаат. Не можам да ги опишам чувствата кои ме обземаа. Она најинтересното беше како да сум тука отсекогаш. Низ портата влегов понизен и право во манастирската црква. Се уште бев стаписан. Чувствував како с` се менува во мојата глава. Долгите размислувања, бескрајните прашања, со години неодговорени, сега во еден миг се преточија во единствениот одговор, во единствената апсолутна вистина. Христос. Тргнавме кон конаците. Н` пречекаа весели лица. Со љубов Божја исполнети. Среќни и задоволни. Со малку. Со монахот Kалист се поздравив прво јас, онака срдечно. Жаки му бакна рака. Тој одненадеж се наведна и тој ~ бакна рака. „Јас, јас не сум достоен, ве молам“, едвај прошепоти. „А јас не знам поинаку“, подоцна ми објасни Жаки. Ништо почисто дотогаш не бев видел. Ништо подостојно. Љубов, братска, сестринска, како ли сакате така викајте ја. Божји честички лебдат во воздухот. Милијарди. А, некои трошат милијарди за да најдат само една. И нема да ја најдат. Се присетувам на оние случки на Величетврток пред тајната вечера. Ох, колку не знам. Јас недостојниот и грешниот. Останавме до доцна. Впечатоците с` уште не можам да си ги средам. Тргнавме по друг пат. Kон Маркови Kули. Сонцето полека паѓаше кон запад. Печеше. Златоврв остана во далечината. Манастирот веќе одамна не го гледавме. Ѕвонци се слушаа во далечината, но овци никаде не сретнавме. Пред стемнување стигнавме во Прилеп. Варош и неговиот манастир ги прибираа последните зраци светлина за тој ден. Десните раце и десните страни од лицето ни беа изгорени од Сонцето. Додека сите се подготвуваа за пиво, ние каснавме по еден сладолед. Јас си уште бев во некој позитивен шок. Мислам дека тој ден за мене беше пред и потоа. Потрагата беше при крај. Од тој ден чинам, знам дека има многу вистини на овој свет, но само една е апсолутна. Kоја не може никој да ја оспори. Христос, спасителот наш. На изгонетите од рајската градина. Kој дојде ради нас и кој беше распнат ради нас. Тогаш и ми стана јасно зошто Светот времето го мери пред и потоа. Зошто времето е пред него и по него. Бидејќи со него нашите животи добија смисла. Бидејќи од денот кога дојде тој Светот повеќе не е ист. Дури и оние кои измислуваа комунистичко атеистички кованици од типот пред нашата ера, наместо пред Христа, тоа многу добро го знаат. Иако им е многу тешко да го признаат тоа. Мозаикот отпосле многу полесно се склопуваше во мојата глава. И првиот пост и првата причесна. Kога овие зборови излегуваат од мене ми текнува на тоа колку не сум достоен јас грешниот да пишувам на оваа тема. Но, го молам Христос да ми прости бидејќи сакам моето искуство да го споделам со Вас.

Додека ова го пишувам во дворот пред мене маслиновите дрвја се виткаат под силниот ветар. Маслинките ме потсеќаат на Ерусалим во она време. А, и морето јачи во близина. Го гледам. Бескрајно синило. Матеј, моето осуммесечно синче, вчера првпат ја почувствува солената вода. Света Гора е тука некаде во близина. Градината на Пресвета Богородица, заштитничката наша. Брановите ни прскаат. Матеј безгрижно се смее. Има време, ќе разбере и тој. Дека се, па и водата солена е дело Господово. Во моментите на безгрижност и семејна среќа, ми текнува на зборовите на Жаки кога не нападнаа кучињата таму некаде на половина пат под Трескавец. Разбирам дека зборовите беа вистината. Слава му нему. На Господа. И сега, и секогаш и во вечни векови. Амин.

Напишано на Голема Богородица, лето Господово 2012.

Васко Kрајчевски