Првата од серијата необични колумни на нашите мајстори на зборот, Венко Андоновски и на светлописот Љупчо Илиевски, со наслов „99 збора и 1 фотографија“, ќе излезе во утрешниот број на „Нова Македонија“  
  
  
 По тој повод весникот организира промоција на проектот кој има и хуманитарна димензија, денеска во 11 часот, во кафулето „Капри“ кај Млечен ресторан. На промоцијата ќе се обратат авторите на колумната - писателот Венко Андоновски и фотографот Љупчо Илиевски и претставници од „Нова Македонија“. 

Колумната со наслов „99 збора и 1 фотографија“ ќе излегува секоја сабота, а сетовите составени од оригинална фотографија и текст во ракопис ќе бидат ставени на јавна продажба. Собраните средства од продажбата, како и од завршната изложба на сите сетови (по една година), ќе одат во хуманитарни цели, за децата со посебни потреби.

Со идејата - да се спојат убавото (писанието и светлописанието) и хуманото (збогатување на фондот за децата со посебни потреби) - „Нова Македонија“ излегува од стандардната шема или, како што вели Андоновски, нуди азил од жешките прагматско-политички престрелки, покажувајќи ја убавината како вредност над сите други вредности. 

31.08.2012