Официјални извештаи велат дека Гугл е еден од најпосакуваните работодавци, но поранешен работник на таа компанија тврди дека таму ја работел најлошата работа на светот.



Интернет порталот  www.buzzefeed.com  објави приказна од еден поранешен работник на Гугл, кој вели дека ги гледал најлошите работи на интернет.

Иако ги поминал сите официјални Гугл тестови пред да се вработи во таа компанија, не добил договор кој му гарантира редовен работен однос. Работел една година и потоа своеволно ја напуштил компанијата.

Наместо една од шарените и весели канцеларии кои ги гледаме на фотографии од Гугл фабриката, овој работник времето го поминувал гледајќи најбизарни и најгрозни работи на интернет. Во својата изјава за наведената веб страна тој тврди дека обичните луѓе немаат ни најмала претстава колку застрашувачки и загрижувачки работи има на интернет страни.



Како член на екипата чија задача е да лови содржини од таков вид, работниот ден му се сведувал на гледање бизарни видео снимки, читање на најодвратни текстови, гледање на најчудни облици на порнографија и барање на педофили и извори на детска порнографија. За еден работен ден, кој траел бесконечно, како што вели поранешниот работник - секој ден се подолго и подолго, прегледувал и до 15.000 фотографии и над стотици видео снимки, главно на Google Images, Picasa, Orkut, Google search, Facebook, Twitterи на други сервиси.

Бил опкружен со многу темен свет за кој на никого не смеел да зборува. Прво, Гугл тоа го забранува, а второ, се плашел дека сите ќе го сметаат за манијак или нешто уште полошо. По само неколку недели работа во непријатното опкружување побарал помош од работодавецот, но му било кажано дека за таков вид на работа не даваат ниту емотивна, ниту пак техничка помош и го упатиле на психијатар, кој ќе му го обезбеди државата.

Психијатриска помош прифатил во деветиот месец од работата, бидејќи и од најобични фотографии на родители со деца почнал да конструира приказни за педофилија. Тоа било само почеток, бидејќи со тек на времето гледал многу шокантни работи за кои никогаш не ни помислил дека ќе ги види, а кои го прогонувале по работното време, навечер и во моменти кога сакал да се опушти и да ужива со пријателите.



Набрзо по првата сеанса кај психијатар, ја согледал сериозноста на својот проблем. Потоа добил информација дека најверојатно уште два месеца ќе работи за Гугл и дека нема да му биде понудена постојана работа. Не чекајќи тоа да се случи, тој побегнал од познатата компанија, која не му нудела поддршка и помош додека не најде нова работа, како што вели тој.

Како што тврди, по него на ист начин и со исти проблеми, компанијата Гугл ја напуштил и уште еден YouТube стручњак кој имал блиска соработка со Гугл, а потоа и уште еден член на тој несреќен тим. За разлика од другите колеги, тие тројца не добиле можност да зборуваат на јавни состаноци кои Гугл ги одржува повеќе пати во годината, а на кои вработените ги изнесуваат своите ставови и мислења, бараат подобрување на позициите, условите на работа и меѓусебно подбро се запознаваат.

 

Извор: ИДИ ВИДИ