ЕВРОПСKО KУП-ФИНАЛЕ ВО УНГАРИЈА

Спортски херои од Домот „11 Октомври“

Иле Петровски, штитеник на Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“ на Европското куп-финале на детски домови - Унгарија 2012 освои сребрен медал во скок во далечина.

На овој натпревар во Унгарија се натпреварувале уште десет деца на возраст од 15 години. Тие играле фудбал, се натпреварувале во фрлање ѓуле, скок во далечина, шах и во пинг-понг. Во пинг-понг, шах и во фрлање ѓуле децата освоиле четврто место, а во фудбал имаме најдобар голман на првенството. Петровски, кој го освои сребрениот медал во скок во далечина, изјави дека в година ќе донесе злато.

По тој повод министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски вчера се сретна со штитеници од Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“ и им додели благодарници за достоинствено претставување на Македонија на ова натпреварување.

- Република Македонија има свои спортски херои. Тоа се децата од Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“ - Скопје, кои од 30 јули до 3 август беа во Kечкемет, Унгарија, и ја претставуваа Македонија во рамките на нивните спортски активности и постигнаа забележителни резултати. Сите активности што се реализирани за овие деца даваат резултати. Веќе работиме на изградба на спортски комплекс во рамките на Домот, со што дополнително ќе се зголеми квалитетот на нивните активности и ќе имаат уште поуспешни резултати - изјави Ристовски.

Тој им се заблагодари на децата, но и на вработените во Домот и изрази благодарност за начинот на кој ги претставија и установата и Македонија во Унгарија.
Извор: Дневник