Промоција на „Чекајќи ја Македонија“ на Илка Тисен

„Чекајќи ја Македонија: идентитет во свет кој се менува“ е насловот на книгата на

Илка Тисен, професорка по антропологија на Универзитетот Ванкувер Ајленд во Канада, која вечерва во 20 часот ќе биде промовирана во ГЕМ клубот, во Старата скопска чаршија. Промоцијата што ќе се одржи низ разговор со авторката, е во организација на Институтот за етнологија и антропологија при УКИМ, а разговорот ќе го водат професорите Љупчо Ристески и Илина Јакимовска

Илка Тисен е родена во Берлин, а се образовала во неколку европски центри. Докторирала во 1999 година во областа на социјалната антропологија на престижната Лондонска школа по економија, со докторска теза посветена на Македонија, врз која и се базира книгата „Чекајќи ја Македонија“. Во неа се зборува за периодот 1988-1996, кога во земјава се случуваа крупни економски, политички и културолошки промени кои го следеа распадот на Југославија. Тисен ја следи судбината на неколку млади жени-инженери по електротехника и нивниот обид да го најдат сопственото место во новонастанатите околности. Низ силна авторефлексивност и богата етнографија се следат промените во општествениот систем, образованието и секојдневниот живот на луѓето, промените на идентитетите, како на индивидуално така и на колективно ниво. Издавач е „Табахон“ од Скопје, преведувач од англиски, Љупчо Ристески, а издавањето е помогнато од Министерството за култура. (К.Б.) Утрински весник