Движејќи се накај Горна порта во стариот дел на градот Охрид, доколку претходно не сте биле таму, нема ни да претпоставите дека од левата страна се издигнува манастирскиот комплекс „Св. Богородица Перивлепта“.

Лоциран е во средиштето на старото охридско градско јадро, на возвишението Дебој. Додека сте таму, неизбежно е да ги почувствувате спокојот и мирот што местото ги нуди заедно со прекрасниот поглед кон градот.

Најзначајно одредиште во рамките на комплексот е црквата посветена на Богородица Перивлепта со градежни и сликарски фази од XII до XIX век. Од нив особено се издвојува фрескоансамблот создаден во духот на палеологовската ренесанса од врвните мајстори Михајло и Евтихиј, чиј потпис е евидентиран на дваесетина места на славното сликарско дело.

црква_богородица_перивлепта__5_.jpg

 Меѓу народот црквата е позната и како „Св. Климент“ бидејќи по уривањето на црквата на Плаошник во XV век, моштите на св. Климент се чувале во оваа црква до 2002 година.

Седум години се работеше проектот за целосна ревитализација на манастирскиот комплекс, за што Амбасадата на САД донира 650 илјади долари.

Директорката на НУ Завод и музеј - Охрид, Татјана Паскали, вели дека уште при отпочнувањето на реализацијата на проектот од страна на УНЕСКО биле побарани експерти, така што еден архитект како експерт бил вклучен за изработка на проектите за архитектура и за истражувачките работи. Двајца експерти работеле заедно со екипата што ги извршувала конзерваторските работи на фрескоживописот, исто така посочени од страна на УНЕСКО.

 црква_богородица_перивлепта__14_.jpg

- Почнавме со истражувачки работи прво на архитектурата на црквата, поточно на покривите, што беа и причина за оштетување на самиот фрескоживопис. Се отстранија старите покривни покривачи и подлоги, а врз основа на анализите што ги извршивме, неопходно беше да се постават привремени заштитни дрвени покриви. Тие беа поставени околу три години над исчистените сводни површини, така што се вентилираше и се сушеше од влага. Кога се утврди дека сводните површини се доволно исушени, но не и пресушени бидејќи и тоа лошо влијае врз фрескоживописот, се почна со изработка на проекти за конзервација на архитектурата - раскажува Паскали за процесот на работа.

Овие постапни проекти биле изработени од страна на НУ Завод и музеј - Охрид и ревидирани од стручни комисии. Врз основа на проектите се добило конзерваторското одобрение, со кое се пристапува кон конзервација на архитектурата на црквата.

 

 црква_богородица_перивлепта__16_.jpg

 Беа поставени сите потребни варови малтери како слоеви над сводните површини, хидроизолации, неопходните опшивки од оловен лим на венците од црквата и меѓу покривите и ѕидовите. Исто така, беше поставен нов покривен покривач од традиционална ќерамида. Беа третирани сите фасади, беше извршено комплетно чистење на старите фуги, на места каде што имаше потреба и на цементен малтер. Извршено е комплетно фугирање со варов малтер низ целата црква - вели Паскали.

Биле извршени и потребните археолошки истражувања околу самата црква, каде што се констатирани и постари фази на градби. Археолошки истражувања се вршени и во внатрешноста на црквата.


- Се спроведе цел систем на дренажа за да може да се спречи капиларната влага што доаѓаше од подот и одеше нагоре. Со тоа што го направивме во голема мера е намалена влагата, до степен и воопшто да ја нема. Извршена е адаптација и на тремовите во црквата, санирани се сите дрвени елементи од покривите, се постави комплетно ново осветлување. Просторот од тремовите се искористи за организирање изложбен простор. Во моментов е изложен целиот процес од самиот начин на изработка на проектот на конзервацијата. Во иднина овој простор може да се користи за различни соодветни изложби - вели Паскали.

 

црква_богородица_перивлепта__10_.jpg

 Додека траела конзервацијата на архитектурата се извршувале и анализите за конзервирање на фрескоживописот. И тој проект поминал слична процедура. Го воделе конзерваторите од Националниот конзерваторски центар и од НУ Завод и музеј - Охрид.

Заради регулирање на климатските услови, на влезот од црквата е поставен стаклен ветробран што ќе овозможи континуирани климатски услови. Во периодот од седум години напоредно се правени и конзерваторски проекти за конзервација на камбанаријата, каде што се вклучува и Министерството за култура со комплетно финансирање на тој проект, кој чини милион и шестотини илјади денари.


Истовремено се работеше на истражувања за конзервација на манастирскиот конак, како и на археолошки истражувања во неговата внатрешност. Тука се вклучува и Дебарско-кичевската Епархија со обезбедување дел од финансиите за оваа реконструкција.

 

 

Извор:

http://telegraf.mk/kultura/arheologija/ns-newsarticle-spokoj-nad-ohrid-sv-bogorodica-perivlepta-e-edna-od-najubavite-crkvi-foto.nspx