Кратовското село Коњух е едно од ретките места на Балканот кои во својата утроба кријат ранохристијански базилики со кружна форма. Храмот го отркил побожниот дедо Зафир, кој имал визија каде точно да го бара, иако бил целосно слеп.

Пишува: Васко МАРКОВСКИ
Фотографија: Васил БОГЛЕВ

Кратовското село Коњух денес е само едно од многуте запустени земјоделски села во Македонија, но, малку се знае дека во вулканските карпи расфрлани околу него и под околните ливади крие остатоци од антички град, за кој се претпоставува дека бил значајна точка на една од главните сообраќајници од доцниот период на Римското царство и град кој бил специјално изграден како живеалиште за воените ветерани од римските и од византиските војски.

За тоа сведочат локалитетот Градиште - некогашен град-тврдина и округлата базилика - ротонда, сместени на неколку километри од селото.

ДЕДО ЗАФИР Постарите жители на Коњух се’ уште ги паметат преданијата за дедо Зафир, стар побожен човек, кој во 1918 година открил црква закопана во земјата, иако бил целосно слеп.

"Нешто од тоа е објавено, но не е објавена целата приказна. Имав прилика да разговарам со некои од луѓето што биле сведоци на настанот, кои ми раскажаа како дедо Зафир ја открил црквата, иако бил слеп и воопшто не гледал. Бил познат како побожен и угледен човек, така што не му било тешко еден ден да собере луѓе од селото и од женскиот манастир во Бељаковце, велејќи им дека ги води да ја откријат црквата Свети Јован Опсечен", ни раскажа Душко Алексовски, претседател на Македонскиот центар за карпеста уметност, со кого заедно со фотографот Васил Боглев од Австралија тргнавме да ја бараме ротондата.

Според преданијата, дедо Зафир ги однел луѓето на еден рид во близина на Коњух, на патот кон Шопско Рударе, и почнал да им наредува кој каде застане, кој каде да копа. Ги распоредил луѓето прецизно кој на кое место да копа и почнал да им кажува: ти, таму каде што стоиш, ќе најдеш бел човек од камен. Човекот копал - излегол бел човек од камен. На следниот му рекол: Ти внимавај, ќе најдеш крст. Човекот копал и, навистина- нашол крст. На едно место копал некој Данаил. Дедо Зафир, стоел над него и одеднаш наредил. "Застани, тука се скалите. Не е време тоа да се откопува. Застануваме!"

Се претпоставува дека Данаил копал на местото над криптата, во која има коски на маченик.

"На еден од столбовите што биле откриени стои натпис dom martris, што се претпоставува дека значи domos martirius, односно дом на маченик. Оттука се претпоставува дека ротондата била посветена на маченик, а претпоставките ги подгрева и одлуката на дедо Зафир токму над криптата да запре откопувањето. Штом дедо Зафир рекол да се запре над криптата, можно е во криптата да има мошти на некој познат христијански маченик", вели Алексовски.

На тоа место, во 1955 година била изградена денешната црвкичка Свети Јован Опсечен.

ПРЕДИЗВИК ЗА АРХЕОЛОЗИТЕ Првите пророштва дедо Зафир ги искажал пред луѓето во 1918 година, а биле објавени во 1924 година во белградските весници. Веста за неговото откритие бргу се проширила и во белградскиот Факултет за археологија, по што набргу локалитетот го посетил врвниот археолог Никола Вулиќ. Според некои сознанија, голем дел од позначајните наоди од истражувањата на Булиќ биле пренесени во српскиот манастир Ресавица. Во 1937 година ротондата ја истражувал белградскиот археолог Светозар Радојчиќ, а наодите што ги открил биле пренесени во Скопје, во Куршумли ан.

Според досегашните сознанија, базиликата била изградена во периодот од 4 до 6 век и е една од ретките ротонди во Југоисточна Европа. Пред олтарскиот дел се извишувал амвон, камена платформа од која ѓаконите ги читале и ги пееле проповедите и молитвите, која, според археолозите Константин Петров и Светозар Радојчиќ, е од најубавите амвонски конструкции на базиликите што биле откриени пред базиликата од Коњух.

Во 1970 година локалитетот го истражува археологот Иван Микулчиќ, кој објавил бројни написи за планот на античката црква, а во 1990 години храмот го истражувал археологот Виктор Лилчиќ.

Од 1998 античките локалитети во околината на Коњух ги истражуваат македонско-американски тимови, а од 2000 година се вршат систематски истражувања, предводени од американскиот археолог Каролин Снајвли, професорка на колеџот Гетисбург во Пенсилванија.

"Локалитетот е голем и на него може да се работи уште 50 години", изјави неодамна професорката Снајвли, најавувајќи ги новите истражувања што треба да почнат за десетина дена.

ГРАД НА ВОЕНИ ВЕТЕРАНИ Според димензите на ротондата, се претпоставува дека таа била централен храм на голем и убав антички град, кој бил значајна точка на еден од тогашните главни патни правци. Врз основа на сознанијата на археологот Вулиќ, се претпоставува дека станува збор за античкиот град Трнопара, кој бил изграден како живеалиште за воените ветерани на римските и византиските војски.

За тоа, како што ни раскажа Душко Алексовски, сведочат и дванаесетте различни форми на крст што биле откриени во ротондата.

Според некои претпоставки, толку различни форми на крстови имало поради тоа што некогашниот град бил значајна крстосница во Византиската империја, а според други присуството на многу форми на крстови сведочи за претхристијанската традиција на крстот како симбол.

Дека станува збор за богат и плански добро осмислен град сведочи и вештината со која бил граден храмот. Покрај впечатливата амвонска конструкција, што археолозите ја оцениле како ретко убава, за тоа сведочи и полукружниот ѕид зад олтарот. Како што може да се види и денес, ѕидот бил многу вешто изѕидан од фино обработен камен, што придонесло храмот да биде добро заштитен од земјотреси.

За време на истражувањата на локалитетот Големо Градиште биле октриени наоди од неолитот до времето на Османлиската империја.

Меѓу нив најмногубројни се објектите и предметите од рановизантискиот период, од 5 и од 6 век.

Престојните истражувања треба да ја испишат историјата на Големо Градиште, град за кој се смета дека бил изграден во доцноантичкиот период, од 4 до 7 век, и кој важел за значајна метропола на тоа време, оценува американката Снајвли, која во седумдесеттите години учестувала во истражувањата на локалитетот Стоби, а истражувањата од Стоби биле тема на нејзината докторска дисертација.

И според неа, особено значаен објект кој сведочи за тоа е ротондата.

 

 

КАКО ДО РОТОНДАТА? Коњух е на половина час возење од Куманово. До таму се стигнува по патот кон Крива Паланка, од кој се исклучувате вдесно кај селото Ругинце. Продолжувате по земен пат кој ве води директно до Коњух. Патот не е најзгоден за одење со автомобил и можеби е најпаметно да отпешачите 6-7 километри од Ругинце до Коњух. Сепак, ако решите да одите со автомобил, ви препорачуваме да го оставите пред мостот на Крива Река, кој според нашите впечатоци не е најбезбеден. Тоа можевме да го искусиме кога пропешачивме да ја видиме Крива Река и бевме изненадени што можеве да ги почувствувате вибрациите од движењето на луѓето на другиот крај на мостот. На околу два километра од мостот е ротондата.

Поедноставен начин да стигнете до таму, можеби е патот преку Кратово и Шопско Рударе. Патувањето ќе трае подолго, но ќе стигнете по асфалт и по израмнет земјен пат. Сепак, нема да ги видите Крива Река и вонземските пејзажи од вулкански карпи.

ПРОРОШТВАТА НА ДЕДО ЗАФИР Според сведоштвата на мештаните од Коњух и според тоа што било објавено во белградските весници во 1924 година, с? што предвидел дедо Зафир - се остварило. Неостварено останува уште предвидувањето дека периодот од 2005 до 2010 година ќе биде многу позитивен и интересен за Македонија.

 

Посети: {moshits}