НАГРАДИ ЗА АРХИТЕКТУРА



Васил Иљов и Јордан Чешмеџиски се закитија со "Јустинијан"




Признанијата традиционално ги доделува Здружението на архитекти на град Скопје



Архитектот Васил Иљов и фотографот Јордан Чешмеџиски се годинашни добитници на наградата за архитектура, која традиционално ја доделува Здружението на архитекти на Град Скопје.
На вчерашното врачување на наградите што се случи во холот на МРТВ, директорот на оваа национална телевизија, Борис Ставров рече дека архитектите треба да ја зачуваат архитектонската традиција и естетика на оваа земја.
Архитектот и фотограф Јордан Чешмеџиски наградата "Јустинијанова порта" ја доби за изложбата "Минато сегашно", која изминатата година беше претставена во Софија. Тоа беше прва изложба, по цели 35 години, претставена во странство, во која во фокусот ја има старата скопска архитектура. Чешмеџиски е награден и за долгогодишната работа во областа на фотографијата и тој важи за првиот фотограф чиј објектив е насочен кон старата архитектура.
Васил Иљов ја прими наградата "Повелба - Љубен Најдов" за неговиот теоретски и практичен придонес за афирмација на македонското градителско наследство.
- Со оваа награда Здружението на архитеките на град Скопје му се одолжува на Иљов, за големиот придонес што го дава последните 30 години во претставувањето на вистината за македонската цивилизација, рече Вангел Божиновски, претседател на Здружението.
На свеченоста беше возобновена и традиционалната награда "Куќа која сонува", која ја доделува националната телевизија за најуспешен индивидуален станбен објект кој го следи духот на традицијата.
(А. Ј.)

Фото:Д.АНДОНОВСКИ