Сите ние мислиме дека сакаме да сме среќни. Сепак, многу од нас всушност работат во еден друг правец, смета когнитивниот психолог Даниел Канеман, добитник на Нобеловата награда за економија во 2002 година.

Тој тврди дека среќата и задоволството се различни. Среќата е краткотрајно искуство кое доаѓа спонтано и е минливо. Од друга страна, задоволството е долготрајно чувство, кое се гради повеќе време и се темели на постигнување цели и градење на начинот на живот на кој му се восхитувате. Канеман објаснува дека работењето за остварување на една цел може да ја потцени нашата способност да искусиме некоја друга.

На пример, во истражувањето на Канеман во кое се мери секојдневната среќа - искуствата поради кои луѓето се чувствуваат добро - тој утврдил дека минувањето време со пријателите е многу ефикасно. Сепак, оние кои се фокусирани на долготрајни цели кои резултираат со задоволство, не му даваат приоритет на социјализирањето бидејќи се зафатени со поголемата слика.

Поради таквите избори Кахнемам заклучил дека не сме толку заинтересирани за среќата колку што тврдиме дека сме.

-Сѐ на сѐ, не мислам дека луѓето ја зголемуваат до максимум среќата во таа смисла... ова изгледа не е она што сакаат да го прават луѓето. Тие всушност сакаат да го зголемат до максимум нивното задоволство од самите себе и од своите животи. И тоа води кон сосема различни насоки од зголемувањето до максимум на среќата - вели тој.

Овој нобеловец вели дека задоволството претежно се базира на споредби.

-Задоволството од животот во голем степен е поврзано со социјалните критериуми - постигнувањето на целите, исполнувањето на очекувањата - објаснува тој.

Психологот забележува дека парите имаат значително влијание на задоволството од животот, меѓутоа парите влијаат на среќата само во случај на недостиг од финансии. Сиромаштијата создава страдање, но над одредено ниво на приходи кои ги задоволуваат нашите основни потреби, богатството не ја зголемува среќата.

Со други зборови, ако не сте гладни и ако имате облека, кров над глава и други основни нешта, способни сте да бидете среќни како и најбогатите луѓе на светот. Минливите чувства на среќа, сепак, не го зголемуваат задоволството од животот. Гледајќи наназад, личност која имала многу среќни моменти може да не се чувствува општо задоволно.

Клучното нешто е меморијата. Задоволството е ретроспектива. Среќата се случува во реалното време. Канеман утврдил дека луѓето си кажуваат приказна за своите животи која може да е пријатна или не. Сепак, нашите секојдневни искуства резултираат со позитивни чувства кои можеби нема во секој случај да ја подобрат подолгата приказна. Меморијата е трајна. Чувствата поминуваат. Многу од нашите најсреќни моменти не се зачувани - не сите се фатени со фотоапаратот. И тогаш исчезнуваат.

На пример, земете го одењето на одмор. Според психологот, лице кое знае дека може да оди на патување и да си помине убаво, но дека спомените ќе му бидат избришани и дека нема да може да фотографира, може да избере и да не оди на патувањето. Причината за ова е тоа што ние правиме нешта очекувајќи да создадеме убави спомени на кои ќе можеме подоцна да се навраќаме. Некако сме помалку заинтересирани убаво да си поминеме.



Фото: Pixabay

Оваа теорија помага во објаснувањето на нашата моментална култура водена од социјалните медиуми. Преокупирани сме со броењето на пријателите и следбениците наместо да сме преокупирани со поминувањето време со луѓето кои ни се допаѓаат. И на крајот, тоа нѐ прави несреќни.

 

Подготвил: Билјана Арсовска

 

Извор: https://www.fakulteti.mk/news/29122018/daniel-kaneman-povekjeto-lugje-ne-sakaat-da-bidat-srekjni