„Сите филмски и литерарни клишеа се мали деца во однос на политичките и историските Силдавии“, рече Горан Стефановски на предавањето во ЕУ-инфоцентар под наслов „Тинтин на Балканот“

Катерина Богоева

„Крајно време е да се воспостави баланс меѓу супериорноста и инфериорноста, кој не го воспоставуваме онака смирено и паметно како што би можеле и како што е ред тука во Македонија“, рече меѓу другото во ЕУ-инфоцентарот во четвртокот, драматургот и писател Горан Стефановски, кој на предавањето под наслов „Тинтин на Балканот (нивните клишеа за нас и нашите клишеа за нив)“ говореше за политиката на идентитетот и проблемите на културалниот превод. Салата беше полна, а првата верзија на текстот кој го читаше илустрирајќи го со слајдови, Стефановски напомена дека го напишал лани за потребите на еден истражувачки семинар во Кантербери, Велика Британија, каде што живее и предава драматургија. Ги презентираше анализираните, жилави клишеа и стереотипи во претставувањето, искривената слика која Европа ја има за Балканот и обратно. Зборуваше за стрип-серијалот „Авантурите на Тинтин“ на белгискиот стрип-цртач Жорж Реми Ерже, а меѓу другото и за клишеата кои како што рече, „како коров се обиделе да се вовлечат и во неговата сопствена кретивна работа“, посочувајќи на филмот, „До балчак“, кој по негово сценарио, а во режија на Столе Попов беше премиерно прикажан во Македонија во 2014 година. Стефановски укажа, на очигледно изненадување на многумина во публиката, „дека не бил вклучен во претппродукцијата, снимањето, постпродукцијата на овој филм, иако е автор на сценариото“, но и дека „да имал можност, ќе прашал чија е таа приказна?“. „Дали само на комитата Крсто“, кој, вели Стефановски, „најмалку се менува во филмот и зошто станала клучна неговата додатно допишана реплика ’Ебати животот ако не си спремен да умреш за него?’. Зар не е можна контрареплика на Филип (прагматичниот политичар), ’Ебати животот ако мора да умреш за него?’“, запраша драматургот и додаде: „Зошто и Филип учествува во самоубиствениот чин во последниот стоп-кадар?“. „Штета што немавме поблиска соработка со мојот режисер и како што подоцна се испостави, косценарист. А ќе беше добро да е така како и што ќе беше ред“. Горан Стефановски напомена дека малку од неговото сценарио влегло во „До балчак“, но веќе имал потпишано договор и ги продал авторските права и потоа, како што нагласи „немал веќе абер од екипата“. Филмот го гледал, како што рече, „дури сега скоро на видео, со голема трема и со големо шише вино“. Откри и дека планира во „Табернакул“ да издаде книшка со двете верзии на сценариото со првобитен наслов „Приказни од Дивиот Исток“ (старото од 1988 и новото од 2010 година) за филмот „До балчак“ заедно со текстот што вечерта го говореше. Говорејќи за шумот во комуникацијата при размената на културални елементи: ставови, верувања, вредности и поведенија, Стефановски откри дека по преселувањето со семејството во Кантербери во 1992 година се запознал со Ник Бартон, филмски режисер и професор на катедрата за филм на тамошниот Универзитет, кој меѓу првите работи што му ги кажал била дека кога бил дете се' што знаел за делот од светот од каде што доаѓа Стефановски го дознал од стрипот „Тинтин“ во епизодата „Жезлото на кралот Отокар“.

„Јас и самиот пораснав со ’Астерикс’ и ’Талични Том’. ’Тинтин’ не е ми беше во видното поле затоа што не се објавуваше кај нас. Го најдов веднаш стрипот го прочитав и сфатив дека се работи за спектакуларна травестија и лакрдија. Си реков, како е можно на едно место да се собрани толку многу каприциозни произволности, предрасуди, фактички грешки и општи места“, рече тој, напоменувајќи дека токму тоа и му го засилило интересот за тие феномени познати под името клишеа и стереотипи. „Многумина во мојата татковина се' уште веруваат дека во Лондон има постојана магла и смог и дека Шерлок Холмс го брка Џек Мевосек. Некако забораваме дека нашите градови станаа викторијански според загадувањето и криминалот. Се разбира во Британија постојат разни убедувања за мојот дел од светот, за нашата замислена земја која се вика Балкан. Еднаш прашав еден колега која му е првата слика која му излегува кога ќе се спомене Балкан, а тој ми рече ’коњокрадец со златни заби’. И си велам, ај сега оди расправај се и докажувај се!“. Стефановски меѓу примерите го покажа познатиот лик на праматарот, продавачот на газиени ламби кој се појавува на почеток на филмот „Аладин“ на Волт Дизни. „Според една интерпретација, тој е духот од ламбата, тоа е неговата приказна“ и го нарече продавачот комбинација на крајна инфериорност и висока супериорност. „Можеби сме сиромашни, но затоа во рака држиме прашина од која се направени ѕвездите. Можеби сме на маргините, но тука кај нас е вистинскиот центар. За жал, во номенклатурата на Холивуд човек со такво лице како продавачот не може да биде херој. Тој е само спореден лик, еден од оние безимени створови кои Индијана Џонс ги ништи на ангро“, рече Стефановски. Меѓу примерите беше наведен и музичкиот филм „Летен распуст“ од 1963 година. „Во него Клиф Ричардс на патување кон Грција минува низ нашиве простори, чиста травестија на она што некогаш беше Југославија. Една од песните се вика ’Југословенска свадба’, глупава комбинација на славјански танци на Дворжак, музичка ничија земја, папазјанија кому иде. Мажи дибеци, играат племенски игри во гуњови од овчи кожи. Зошто бил потребен ваков примитивен фон за еден рокенрол- филм? За техник колорот да биде потехник, а рок-музиката порокерска“. Тој презентираше и мапи со стереотипи од интернет и меѓу нив „Европа видена од страна на Луксембург“ каде што на местото на Балканот стои напишано: „клептоманијаци и рискантни типови“.

Презентирајќи го своето видување на стриповите „Тинтин“, Горан Стефановски посочи дека „одамна тие и биле контроверзни по прашањето на расни и политички предрасуди. „Првата епизода ’Тин Тин во земја на Собјетите’ била нарачана во 1929 година како антикомунистичка пропаганда за деца, па следувала ’Тинтин во Kонго’ во која Тинтин држи и предавање пред мали црни деца во Конго и им зборува за ’нивната земја Белгија’. Книгата наишла на строги критики поради своите расистички ставови и во целиот свет е забранета за деца. Денес можете да ја набавите само во кафеава кеса, под тезга, скоро како политичка порнографија“. Стефановски со поголемо внимание се задржа на осмата епизода во серијата „Жезлото на кралот Отокар“, нарачана од подлисток на детски конзервативен белгиски весник која излегувала во продолженија од август 1938 до август 1939 година. Била замислена како сатирична критика на експанзиите на нацистичка Германија, комерцијално била успешна и набргу отпечатена како посебна книга. Во 1947 година била објавена низ светот и адаптирана за телевизија. Во неа се говори за Силдавија, која ја нарече „некакво фиктивно кралство кое личи на сценографија за операта“. „Силдавија е земја измислица составена од куп несоодветности: историја на Бохемија, на Словачка и Чешка, која нема ништо заедничко со Балканот. Костими некаде од Црна Гора и Далмација, некои селани, џамии од Босна или од нашиов свет, амблеми од Романија, српски слова, државно знаме со црн пеликан сличен на албанскиот црн орел, имиња со строго чешки или полски додавки и чудна мешавина на кирица и латиница. Интересно е што добар дел од земјите од кои е составена ова фиктивна земја по Втората светска војна навистина завршија во Источниот блок“. Меѓу другото Горан Стефановски потенцираше дека се' уште се одржуваат разни конференции на тема на политиката на „Тинтин“. „Овие книги се' уште се продаваат како алва, млади деца се' уште учат за Силдавија, големите светски книжарници имаат специјални Тинтин одделенија. Фановите на ’Тинтин’ го имаат прифатено силдавскиот јазик и имаат составено граматика и речник“.

Говорејќи за клишеата и стеротипите во дел до филмовите за Балканот, Стефановски ги посочи и филмовите „Гркот Зорба“, „Мис Стон“, „Пред дождот“, но и дел од критиките за нив, а меѓу другото ја цитираше и Дина Јорданова, која во нејзината книга „Балканска кинематографија“ вели: „Сите балкански земји веруваат дека се јасно посебни и разграничени една од друга и дека заслужуваат да бидат третирани како засебни единки, но во западното поимање, тие се само една голема европска периферија“.

„Но не е само Западот тој кој конструира стереотипи“, рече Стефановски „туку таквите конструкции ги преземаат на себе и ги спроведуваат на терен многу балкански писатели и филмски режисери“. „Но сите овие филмски и литерарни клишеа се мали деца во однос на оние политичките и историските Силдавии. Минатото изобилува со случаи кога цели држави преку ноќ решиле да му стават крај на клишето кое дотогаш постоело за него. Се обиделе со закони и декрет да воведат проект за нова стварност, да избегаат на претходните урнеци да станат вечни и немерливи, неподложни на објективна верификација и библиографија. Да не личат веќе на соседите, да не личат веќе ни на себе самите“, рече тој и меѓу другото напомена дека „носиме во главите и во срцата клишеа и стереотипи“. „Само спокојно и да им објавиме војна на клишеата и на патосот. Да ги истребиме како вошки. Против клишеата ни е неопходна дневна хигиена, дисциплинирано и упорно секое утро и секоја вечер, онака како што ги четкаме забите, го миеме лицето како што ги сечеме ноктите и како што ги симнуваме гурелките од очите“. 

Никој не не' гледа посебно

„Една работа останува за жал, многу јасна. Секогаш кога ќе отидам на ручек кај чичко ми Ристо ќе ме праша ’А бе што кажуваат за нас таму?’ Проблемот е што никој не не' гледа посебно. Таму има едно општо место, таму, тоа. Си велам нема општо место, јас сум од тука од Македонија. Кому да му објаснуваш за Византија кому да му збориш за Нерези, дека не се даваме никому. Секој третокласен кој ќе се појави во градов, ќе го прашаат од каде си? Од Америка‚ и веднаш‚ ’Кока-кола’ и ‚Џенерал моторс’ дува енергија во нивните едра. А со такви сме се занимавале со децении, случајни луѓе. Кога бевме деца викавме ’Ај да ти ги врзам двете раце од позади да играме кошарка’“.

 

Извор: Утрински весник

(п.п- насловниот текст е по наш избор)